Мислам дека одамна напишав дека концептот позади Барби не ми изгледа дека е филмичен, односно дека има било каква приказна што би можела да се адаптира на платно. Тука згрешив и морам да признам дека идејата е една од најсилните страни на филмот. Се гледа дека Гервиг фаќа некаков агол и го држи цело време, ваљда заедно со Ноа Баумбах за кој појма немав дека е исто така сценарист. Од прикажаното повеќе ми изгледа дека чепкал некој драфт отколку горе-долу целосно да го напишал сценариото заедно со неа.
Барби има интересен почеток. По првата сцена која е всушност омаж на 2001 Одисеја, вешто го поставува светот на Барби, атмосферата, тоновите, и hook-от. Иако сета експозиција е една долга монтажна секвенца, мислам дека функционира доста добро и го дефинира контекстот. Како резултат, после 15 минути веќе е јасно на каде ќе оди приказната и што (отприлика) да очекуваме.
Марго Роби е уникат - знае како да се сноси со одговорноста на улогата и е комплетно внесена во неа. Во ниту еден момент не дозволува гледачот да се посомнева дека е кукла и човек во исто време. Секој кадар, особено тие close shots се лепота, си викам не може да ѝ се изнагледа човек на оваа. Every shot a painting, буквално. Рајан Гослинг е стандарден, па и Вил Ферел ми се допадна - другите ликови/актерска екипа се речиси и незабележливи. Исто така, сет дресингот и product placement-от е ок, не служат како дистракции ниту двете, баш напротив, го прават светот на филмот побогат.
Еден од поинтересните делови, покрај експозицијата, е кога Барби и Кен одат во реалниот свет - тука приказната веќе навлегува подлабоко со цел да опфати повеќе теми и да ја прикаже човечката страна на протагонистите, онаа којашто ќе се трансформира понатаму. Од друга страна, генерално, филмот повеќе личи на серија од моменти, реплики и gimmicks кои повеќе функционираат индивидуално отколку хомогенизирано. Тука и приказната се соочува со неколку есенцијални проблеми - не може да ја задржи и негува истата енергија од првата половина. Се мачи да излезе од границите на концептот, и на крајот повеќе наликува на идеја отколку целосно оформена приказна. Последниот чин е антиклимактичен и најлошо од сѐ - straightforward.
Гервиг тешко наоѓа начини да создаде нешто ново и креативно што ќе се истакне. Дури и најповторуваните секвенци како таа на почетокот и поздравувањата на Барбиките (ги има и во трејлерот двете) се попопуларни поради филмовите што ги имитираат (Одисеја и Џоџо Ребит) отколку нивната функција во storytelling-от. Исто, нарацијата и дијалогот ја прераскажуваат приказната на секои 15 минути. Можеби поентата на овој избор е филмот да биде јасен за 7 и 77 годишна возраст, и да се вклопи во жанрот/стилот, ама во секој случај не нуди ништо добро и ново, туку одзема антиципација. Како резултат, третиот чин си зема за право да ги реши проблемите на ликовите без тие да се потрудат. Мене лично ме иритира кога спореден карактер, кој првпат се појавува после 30та минута (карикирам, можеби беше и порано/подоцна) и има едно 15 минути screening time севкупно, има моќ да го реши плотот во една сцена. Тука филмот потфрла и крајниот резултат е една скромна 6ка од мене.
Сметам дека Барби треба да се гледа, нема некој зијан од тоа. Баш напротив, одамна немало ваков интересен тренд на одење во кино кој за момент ми заличи на 2000ти кога сите сакавме да ги гледаме тие два филма што излегле на лето и цел интернет зборуваше за нив. Но дали ќе има rewatch value или ќе го издржи тестот на времето, не сум баш сигурен.