Пријателе мој...
Пријателе мој...
Ги мразев твоите замерки на тоа како сум облечена. Се сеќавам,кога се запознавме ми дофрли нешто околу тоа дека сум се облекла преофицијално,а јас само мрзливо се насмевнав. Не знам што ми беше тогаш,не ми беше денот,на главата носев тули а сезонски луѓето си одеа,секој на своја страна.А јас сепак морав да одам на некое глупо запознавање и да разговарам за бермудски триаголници и да глумам дека ми е мило што сум те запознала.Те почестив со моето молчење,лаконско говорење и чифт сарказам,а тебе тоа ти пречеше,те вадеше од патики. Изгледа уште тогаш си ја најдов омилената улога-дежурен масер на твоите нерви
Бев мокра до коска од дождот а се грижев само за мојата коса,па,ја миев бре!!! И како завршивме-ти ми се смееше на мојата коса што наликуваше на напуштено кукавичко гнездо,а јас бев лута затоа што ми се смееше. Billy and Mandy.
Нешто кај тебе постојано и постојано ме тераше да се враќам,колку и да си велев дека твојот начин на наметнување,влијание,не ми годи. Имаше период во кој направи да ми годи.Сега,би те убила за тоа.
Навистина беше чудно-како остана покрај мене и покрај тоа што сум грубо речено фосил. И уште почудно беше како јас останав покрај тебе и покрај тоа што благо речено си монструм. Но,веројатно си ја прочитал мојата прва домашна работа за проценка,и ми стави единица. Е да,никогаш не ја учам лекцијата пред да го напишам домашното.
Пријателе мој,не се осмелував да копам во твојата внатрешност. Затоа секогаш невешто ја одбегнував темата на разговор во која сакаше да го дознаеш моето мислење,она истипкано просторче после неделен ручек кое божемски ќе ти даде некаква претстава како те гледам. А знаеш дека мразам да лажам,па затоа,секогаш го одбирам поблагиот начин-прикривањето. Молчењето. Пача и шлаг со боровинка на врвот. Така некако би те опишала сега,во ова благоневротично,душевно мирно и апокалиптично расположение кое едноставно ме тера зборовите да ги пренесувам со брзина на светлината на ова нешто пред мене со многу пиксели кое го замислувам како твоите ,спротивно од моето детализирање и апстракт китење кое толку го сакаше,а можеби и го сакаш сеуште само...не е важно повеќе.
Обожавав кога се смеевме за глупости,кога ми студеше минатата зима а ти пробуваше да ме стоплиш иако бев дупло повеќе облечена од тебе,кога им дававме улоги на сопствените сенки и ги диктиравме нивните животи. Кога размислував за што би можел да размислуваш додека седевме скаменети и се ѕверевме во црното небо барајќи ѕвезда,единствениот клише момент кој си го дозволи.Каде исчезна сето тоа,пријателе мој?
Мразам затоа што не можам да исфрлам никаков погрден збор за тебе,се чини,сите се слеани,како невешто акварелно дело. Многу емоции а сепак ниедна. Морски бранови,а сепак катаклизмична бура.
Не ме повредува тоа што ги смени сопствените дефиниции по кои и јас учев. Се изгубив кога сфатив дека си ме избришал.Заборавив,знаеш и самиот,добро ме знаеш барем ти. Реков дека е во ред. И навистина го мислев тоа.Но ти не го мислеше. За во следниот миг повторно да се вратиш онаму каде што заглави- клопчето со конци.
На што спаднавме пријателе мој? На меѓусебно напаѓање,да видиме кој прв ќе пушти крик ? Но имаме целосно право на тоа. Имаш . Имам. Знаеш што ќе одговорам на ова затоа не го пишувам следното. Рингот е чист. Има крв,но ќе ја избришат. Сакам да мислам дека е чист.
Не те мразам пријателе мој. Го мразам фактот што никогаш повеќе нема да те наречам пријател.