„Ристановски е најдобриот и најубав Иванов којшто сум го видел кога било. Толку е суптилен, нежен, ранлив, несигурен, несреќен, збунет, тивок кога треба, но духовен, искрен и фасцинантно моќен кога треба силно да го подигне гласот, што не се сеќавам кога последен пат толку уживав во нечија глума на сцена“, вели Хомовец.
Критичарот додава дека седел близу сцената, и еве ги неговите дополнителни импресии.
„Набљудував како додека глуми е со боси нозе, па глуми дури и со ножните прсти! Ристановски, притоа, е маркантен, згоден човек и многу убаво говори. Голема штета е што сите наши големи и извикани глумци не дојдоа да го видат колегата од кого би можеле многу да научат. И како се игра на сцената без патетика, непотребни гестови, бесмислено урлање и гримаси. Да видат како големите глумци се најголеми кога се тивки и скромни, а толку моќни. Никола Ристановски е токму таков, денес еден од најголемите на овие простори. И заслужува голем респект, токму како оваа врвна претстава на Татјана Ригонат…“, заклучува Хомовец.