- Член од
- 17 октомври 2011
- Мислења
- 15.107
- Поени од реакции
- 37.569
191. Fargo (Joel Coen, Ethan Coen (uncredited), 1996)
Ако треба да го опишам Fargo со еден збор, тоа би бил зборот „контраст“. Една од дефинициите гласи дека контраст е кога една работа се разликува од друга во голем степен, најчесто преку блиска асоцијација. Fargo е полн со контрасти. Од добродушниот, секојдневен лик на Марџ, па до бесчувствителните и несекојдневни убијци. Од крвавите патишта, па до белите пространства со снег. Луѓе кои би сториле се' за да дојдат до пари, наспроти луѓе на кои им е битно само да имаат за јадење и кров над глава.
Заплетот започнува кога Џери, припрост дистрибутер за автомобили (Вилијам Х. Мејси), ќе смисли план за да си ги отплати долговите. Најмува двајца криминалци (Стив Бушеми и Питер Стормер) кои треба да ја киднапираат жена му, за потоа да го земе откупот од нејзиниот богат татко. Како што е ред, работите се комплицираат. Марџ, началникот на полицијата (Френсис Мекдорманд) започнува да го истражува случајот и плановите на Џери започнуваат да му се одбиваат од глава.
Fargo е филм кој не може лесно да се категоризира. Секако дека е мистерија, но не во типичната, Херкул Поаро смисла. Исто е и филм кој ќе ве насмее, иако тешко може да се нарече комедија. Но, пред се' е оригинална и по малку ексцентрична драма полна со карактер и чудни ликови.
Според мене, филмов не би бил ова што е да не е главната хероина, која трага по убијците во седмиот месец од бременоста. Иако акцентот понекогаш и' е смешен („Yaah?“) и сцената на злосторството не и' годи на моменталната состојба, она што кај неа се издвојува е љубезноста, живоста и интелектот. Најголемата предност на ликот на Марџ е нејзината секојдневност. Поради тоа, ликот е симпатичен и на некој начин смешен, што е реткост во полициските филмови од жанрот драма. Некои велат дека еден карактер во филм понекогаш треба да се однесува спротивно од очекуваното за да биде интригантен. Интригата овде е што Марџ е многу способна во својата работа, иако воопшто не изгледа така. Таа не е како Џоли во Taking Lives или Булок во Murder by Numbers.
Fargo е филм за бизарноста на луѓето, кој сака да покаже како добрите работи во светот не можат да се мерат со глупавоста и ограниченоста на луѓето. Како обичниот живот и секојдневието можат да бидат нарушени од алчноста на општеството. Ако на тоа се додаде извонредната глума на Мекдорманд, Мејси и Бушеми, непредвидливото дејство и ефективната атмосфера, се добива чуден и возбудлив филм. За мене еден од најдобрите филмови од 90-те.