15. Sticky Fingers - The Rolling Stones (1971)
Никогаш не сум бил фан на Стоунси. Не дека сум во некаков табор, зашто нели поделбата е Битлси vs. Стоунси, ама дефинитивно Битлси отсекогаш повеќе сум ги сакал, иако не дека нешто Стоунси многу сум ги мразел. Она што најмногу ме нервира кај нив е Мик Џегер. Не само по појавата, туку и гласот - бојата, дикцијата (пола од зборовите што ги изговара не му ги разбирам), а честопати мислам дека е out of tune, дистонира и фалшира. Може да сум грешка јас, но ете моето уво така го восприема. Ама остатокот е врв! Конкретно, овој албум, ако се апстрахираш од неговиот глас - нема лоша песна! Значи буквално уживав во сите гитари (Кит Ричардс е ѕвер!), рифови, басот, а многу ми се допадна што во повеќето песни имаат вметнато многу дувачки инструменти (иако веројатно е само сакс) што навистина позитивно ме изненади. Ова бил нивниот прв албум кој бил подеднакво успешен и во Велика Британија и во САД, се искачил на врвот и на двете албумски листи, иако знаеме дека Американците повеќе уживале во нивниот звук. Затоа се смета за еден од најдобрите албуми во нивната кариера.
Интересен е податокот дека каверот на албумот го правел Енди Ворхол и во првата серија изданија фармерките имале вистински функционален патент на нив што кога ќе го откопчаш, одоздола се гледала белата ткаенина на гаќите. Но истиот многу ја оштетувал винилката и подоцна целиот омот бил само слика, без патент кој се откопчува.
Се на се, убав класичен рок, без многу експериментирања со музиката и еден од поубавите албуми кои ми се паднаа во последно време. 4/5