Конечно гледав филм после толку долго време, па со себап го запишав датумов на летербоксд, кој ми го подобри блам скорот од 4-5 изгледани филмови годинава.
The Batman
Ми текна дека плаќав HBO GO и ја гледам фактурава од т-хоме и си викам чекај бе плаќам со месеци а не постои веќе, па long story short, сум плаќал за HBO Max сега. Ја симнав апликацијата, се логирав, пиво и чипс пред мене ко некој тинејџер и си мислам заслужив да се опуштам 3 саати, и јас сум чоек.
Филмот ме извози од почеток до крај. Уште во првите 10 минути знаев дека ќе ми се допадне. Отвори доста впечатливо и ме освои, и иако дејствието се развиваше доста бавно, си држеше некој ритам цело време, со точно измерени осцилации. Генерално, би го опишал како филм кој би бил режиран од Денис Вилнев по инспирација на Аркам серијалот игри - цело време ноќ, ноар стил, костумот (не беше wow, но беше суптилно акцентиран цело време), синематографијата и музиката. Исто така, ми се допадна концептот и тоа што филмот имплементираше комбинација од жанровски елементи. Бетмен цело време зборуваше како со шепотење, и односите помеѓу него и Гордон, и Кетвоман беа како стилизирани за нијанса. Истото важи и за Ридлер.
Имаше некои недостатоци и слабости кои би ги забележал на прва, на пример Алфред, кој воопшто не беше лик, туку беше идеја за лик што сме го гледале во претходните серијали. Исто така имам замерки околу внатрешниот конфликт на Бетмен и неможноста на приказната да го вклучи Брус Вејн повеќе (Патинсон како Брус Вејн искина, иако не уживаше баш screening time), како и скромната минутажа на Ридлер и фактот дека Бетмен ги решаваше сите загатки лесно.
Се на се, не би го споредувал филмов со ниту еден друг, затоа што е сосема различен. Функционира самостојно (со исклучок на слабостите кај градењето ликови, односно Алфред и backstory-то на овој Бетмен), и поради тоа се надевам дека ќе видиме уште делови од серијалов. Баш онака ми легна филмов, заборавив на сите проблеми во животов за миг, затоа што ме потсети како беше да се ужива 3 часа без да погледнеш во телефон или да имаш било каква дистракција.