ДК,
Разгледувам низ мојава крнтија од лаптоп какви се документи и проекти чувам од минатото и ја видов мојата прва веб страна изработена за легендарен професор, која ме потсети какви моменти ми се случуваа тој период поминат со него(2 год. средно).
Една таква ситуација беше кога не пушти со коверт до банка, демек нешто битно, одиме ние со соученик до истата го бараме тој и тој, беше од погорните тела во хиерархијата на банката. Му кажуваме ние како курири од кој е пратката и типов малце се зачуди за што е работава и му се јави. Набрзо го отвори ковертот и нашата љубопитност беше задволена. Не беа евра, ниту долари ни франци, тоа беа СЛИКИЧКИ од Панини албум за некое првенство во фудбал или во банката се случи размена на дупликати. По излегување од банка не знам како се вративме во училиштето.
Вторава ситуација немам толкав фонд на зборови за да ја опишам со цела емоција...
Ме викна во неговиот кабинет, сакаше да части по некој повод и ни пет ни шест викна уште еден ученик да купи ќебапи. Си викам ќе каже да излеземе надвор да јадеме, кога во истиот момент му се виде ладно и заклучи дека треба да јадеме во кабинетот. Стигнаа ќебапите и газирано сокче. Јас, он и курирот на ќебапите. Чувство како југословенска делегација во Белата куќа. Кабинет-кафана. Се упукавме поштено и таман во моментите кога игравме рулет кој ќе ги добие остатоците од софрата, тропна некој на врата. Реакција на чистење побрза и од специјална единица, „курирот“ ја скри брзински опремата под клупа, мисија да излажеме дека запаливме хартија. На вратата некоја ученичка ја пуштиле со дневник за да запише некој час професоров, што требало да го држи. Влегува внатре и се поздравува соодветно, по што поставува прашање: „....Што мириса вака во кабинетот? ..“, почна професоров да и објаснува како сме запалиле хартија, мене мозокот ми крахира, не сфаќам во која димензија сум, готов да пукнам, цреша на шлагот е што авангарднава ученичка на која и било доверено да го транспортира дневникот не покажа знаци дека го идентификува мирисот на творевината од сомнително месо наречена ќебап. Завршува со нејзината обврска и излегува од кабинетот и тука се случи крај на мојот нервен систем, смеење до последен здив. Тој ден да ми умреше некој, ќе немав солзи да го исплачам...