Еве една добра анализа пред мечот од Горан Ѓоргоноски кој правеше анализи и за СП и ЕП !
Статијата е преземена од дневникот “Нова Македонија“.
В недела во „Борис Трајковски“ ни доаѓа стариот должник Португалија на директен мегдан за пласман на ракометното ЕП во Данска.
Од стручен агол
Тоа е селекција што негува брз ракомет, со играчи што се многу подвижни и физички одлично подготвени. Дисциплината не е нивен квалитет, но ако „влеземе“ во нивниот начин на игра со многу трчање, тешко ќе ги освоиме двата многу важни бода. Противникот ќе се обиде да одигра брз центар за Стоилов и Ф. Лазаров или Мојсовски да не успеат да се променат во одбрана и така драстично да ја променат физиономијата на одбраната.
На тој начин на првиот меѓусебен меч високите Дуарте и Девис и итриот Карнеиро постигнаа многу голови. Друг проблем со кој може да се соочи Македонија е одбраната 5-1 со Карнеиро како преден играч и двајцата столбови на одбраната на Португалија, Дуарте и Девис, кои иако релативно млади, беа тешко минлива пречка. Можно е Португалија да изненади и со зона 4+2, со фластери на К. Лазаров и на Мојсовски и да остави Миркуловски да решава со пивотите. Тоа може да биде многу незгодно затоа што противникот е доста силен во дуелите и многу подвижен. Во тој случај Стоилов ќе има многу простор и би требало да биде главен егзекутор на нападите.
Нивниот напад се базира на Карлос Карнеиро, кој знае да подготви ситуација од која Девис со исклучително висок скок шут знае да реализира. Видовме дека и самиот Карнеиро е одличен реализатор. Пивотот Хозе Коште е искусен и добро се познава со Карнеиро.
Од друга страна, македонската селекција во нападот треба да одигра многу прецизно и мирно, со влез и излез на втор пивот да се исфрли од игра нивниот преден играч, а да се направи простор Мојсовски да одигра еден на еден на широк простор со противничкиот играч, каде што е практично незадржлив. Да не го форсираме пивотот како на нашиот прв натпревар, бидејќи високите одбранбени играчи лесно ги пресекуваат тие топки упатени кон Стоилов или Димовски.
Македонија е репрезентација со многу висок квалитет и не смее да испушти ваков „пенал“ за пласман на едно големо натпреварување, барем не против една Португалија.
Мечот в недела ќе биде последен за играчот со најголем играчки стаж во ракометот и спортот воопшто во Македонија, живата легенда на македонскиот ракомет Стевче Алушовски.
Победа и пласман би биле најубав подарок од соиграчите.
Автор: Горан Ѓоргоноски