Sound of Metal (2019)
Овој филм можеше да биде ремек-дело, но некаде дебело го погрешија патот. Имав впечаток како да гледам од овие пола документарни пола ријалити емисии и цело време очекував да го слушнам нараторот. Грешката ја гледам во многу лошо изградените ликови, ако воопшто и може да се каже дека се изградени.
Ненадејното оглувување е огромен хендикеп за секој човек, а посебно страшно за музичар кој е посветен на музиката и живее од тоа. Имаше некаков обид да се прикажат сите фази низ кои поминува човек соочен со огромна загуба, од одбивање, преку гнев, па сè до прифаќање на состојбата на самиот крај од филмот. Но потполно отсуствуваше емотивна реакција и општо емотивна поврзаност меѓу ликовите. А кога тие самите не го покажуваа тоа, како гледачите да се поврзат со нив?
Прво необјасниво отсуствуваше поддршката од неговата девојка кога дозна дека го изгуби слухот. Го испрати во комуната каде живеат само глуви луѓе. А таа комуната приказна за себе. Ај се собрале глуви луѓе во заедница, за меѓусебна поддршка, сето тоа разбирам. Ама одеднаш се појавува едно цело одделение глуви деца, сите на иста возраст!? Зошто некој би оставал деца во таа недојдија, со сомнителни фаци, само затоа што се глуви?
Комуната беше на ниво на типична религиозна секта.
Кога Рубен ги вгради имплантите и му кажа на водачот за тоа, фалеше само да го жртвуваат на богот на глувите. Тотално отсуство на емпатија од некој што води заедница за помош.
А со имплантите посебна приказна. Еден месец по направената операција -„Како слушаш? – никако. Ај да подесам. Сега како слушаш? Пак никако. Епа тоа ти е, не може да се врати слухот, само го лажеме мозокот. Аха, епа добро“. Чекајте бре, човекот ја продаде куќата, покуќнината, опремата, сништата, за да ја плати таа операција што требаше да му го врати слухот, за на крај да му кажат џабе ни ги даде парите, не бива и тој мртов ладен си го прифати тоа?!
Главниот актер беше одличен, даваше сè од себе и покрај ваквите несоодветни ситуации во кои беше поставен. Звучната кулиса за оглувувањето е веќе видена од порано, единствено што овде беше присутна многу подолго време, па со тоа беше забележителна. Но можеа уште подобро да ја изведат. А можеби беа ограничени од лошите реакции на ликовите.
Пак ќе кажам, чудни карактери, непостојани, сосема спротивно реагираат во однос на тоа како се претходно претставени или во однос на она што го претставуваат. За некои сцени потполно не ми беше јасно зошто беа ставени. Како на пример кога Рубен го поправаше кровот. Или кучето кое го претставија како ушите на водачот, а потоа тотално го заборавија.
Зошто во групата се претстави како зависник, а четири години бил чист? Зошто ниту еднаш не ѝ пиша на девојката од компјутерот од канцеларијата, кога веќе се искрадуваше да го користи?
Рубен остана кој знае колку долго во заедницата, а цело време имаше намера да оди на операција. Одеднаш продаде сѐ и собра пари за операцијата. Зошто не го направи тоа веднаш? Зошто девојка му не ни спомна да побара пари од татко ѝ, за кој пред крајот од филмот дознавме дека е пун ко брод и дека таа сума е ситница за него? Комплетно неуверливи ситуации и реакции.
6/10