The end of history and the last man - Francis Fukuyama
Оваа книга претставува политичка филозофија кога ја анализира еволуцијата на политичкиот систем и мисла, конкретно либералната демократија. Главната хипотеза на книгата е дека со развивањето на западната либерална мисла комбинирана со капитализмот, човештвото го достигнува својот последен стадиум на политичко уредување. Фукујама во главно се фокусира и надградува на филозофиите на Хегел, Џон Лок и Александар Коџеве и одлично аргументирано како врвен академик ја поставува позицијата дека либералната демократија го задоволува човековиот thymos („душа“) во својата суштина и му дава основно човеково достоинство, кое доведува до нејзино прифаќање како ултимативен политички систем и end of history.
Книгата е врвно напишана, опширно и длабока во својата суштина. Фукујама одлично ги разложува човековите есенцијални проблеми и потреби од економски и филозофски аспект, како и притоа ја дисекцира идеологијата на либералната демократија за да ги објасни механизмите и на каков начин успеваат тие да ги решат човековите проблеми и потреби, и како либералната демократија и капитализмот ја канализираат мегалотимијата од военото поле кон претприемништво и други дисциплини кои на некој начин нудат такви сатисфакции без човечки жрви. Во понатамошниот дел Фукујама ги анализира проблемите кои би можеле да произлезет во иднина, проблемот со men without chest, поткопување на темелите кои доведоа до креирање на либералната демократија и дали губењето на мегалотимијата ќе доведе до декаденција и интелектуално затупување, и дополнува со една кратка анализа на Заратрустра од Ниче. Понатаму Фукујама ги анализира вредностите на либералната демократија со остврт на тоа дали тие вредности се ограничени на одреден културен хоризонт како што смета политикологот Хантингтон или тие вредности ќе се втемелат како универзални човекови и општествени вредности како што смета он.
Интересно, бидејќи книгата е пишувана околу 1990 година, кога издахнува Советскиот Сојуз, и во моментите на паѓањето на Берлинскиот ѕид, Фукујама скоро со снајперска прецизност ја погодува генералната слика на настаните кои ќе се одиграат во Источна Европа, кои земји брзо и лесно ќе се прилагодат на новиот свет, кои нации и земји ќе прибегнат кон национализам или религиски фундаментализам, дури и прогнозира дека примитивноста на национализмите во Југославија ќе експлодира поради нивното насилно гушење во претходните пет децении и ќе доведе до војна и распаѓање на државата.
Иако важи за „популарна мејнстрим“ бестселер книга, оваа дело не е од рангот на Politics for dummies и слични книги од жанрот брза филозофија или fast food политикологија, туку претставува сериозно академско дело и една опширна научна анализа на либералната демократија. При читање на книгата треба да се запали бојлерчето, да се има познавање од историјата на либералната демократија и капитализмот, и да се има генерално познавање на работата на Џон Лок и Хегел за да може полесно да се следи напишаното. Може да се чита и онака со трчање ама нема да се разбере и долови поентата на истата. Книгата е инаку одлична.