Во овој момент почнуваш да читаш расказ мило, најверојатно. Да го наречам тоа збирштина од започнати како општи, но подоцна оформени и прецизни ставови во врска со една или повеќе теми на комплицирање, кои сами а и со моја енергија ќе тежнеат кон смисла. А не сум шарнала букви во прозна рамка одамна, па ќе биде чудно.
Како и да е, и покрај очигледното обработување на проблематика а не цепкање на шарени приказни, нема да се осудам ова да го наречам есеј, бидејќи есеите звучат екстра сериозно, со призвук кој го користиш кога сакаш да оставиш зрел впечаток на способен човек.
Човек. Ете како навистина несвесно се доведов до мојата клучна и појдовна мисла.
Секој почеток има свој почетен збор, нешто од каде што почнуваш да плетеш, и тој збор знае да претставува голема мака и фрустрација, оти тешко е да изградиш нешто од ништо дури и кога ја имаш целата зграда во глава.
Значи, многу јасно го запознавам твоето око со мојот збор.
Човек.
Човечко човече.
Она едноставното, битието кое всушност се гледа.
Човекот стои пред тебе и незабележливо но шумно го дише својот човечки воздух. Составен е од човечки анатомски елементи, градејќи ги врз основата од која се никнати сите тие човечки човечиња, на чии тела и горе-долу универзален калап на свест сме навикнати. Тоа е човечкото секојдневие. Навикнато и секојдневно само на себе.
Секојдневно е да го гледаш само површинскиот одраз на мекото суштество, не сеќавајќи се што стои зад него и што стои зад тебе; крвавите корени, машината за перење алишта и пеглата кои му помогнале да изгледа како ова што стои денес пред тебе, 3те тони пудра на Max Factor, 3те турски кафиња шмукнати од сабајле.
Дури кога ќе го разделиш на делчиња, на сите светликави многуаголници, ти текнува како е направена сложувалката која ја гледаме во моментот и привидно мислиме дека така склопена и целосна се движи низ целиот свој престој на слатката планета.
А ти текнува бидејќи и сам си таква материја расшлепана на коцкички, топки и лисја, минути пред огледалото и депилирани влакна во канализацијата, една слика што виси пред светот а милијарди раце ја бутнале за да стаса до својот моментален клинец.
Па низ аплауз, неколку пати дневно ова го сфаќаме сите ние. Колку е обичен и безопасен, ова човеков! Нема потреба од страв, малкумина се големи радијантни луѓе, има огромни шанси ретко да ги сретнеш во овој животен век, што значи дека можеш да почнеш да му ја мислиш како ќе се справиш со својата детска завист или идолопоклонство кон нив дури кога ќе ги сретнеш.
Зборат. Зборат сите тие човечки битанги.
Секојдневно се дерат и горат сечии увца со пламените зборови за добрината што ја поседуваат, длабоко или плитко, таа наводно отсекогаш била таму, племенита како старински креденец на член од длабочините на фамилијарното стебло.
Не верувам во претерани вредности. Ми сметаат, ми го иритираат грлото, и веднаш ги плукам. Добрината што некој гордо би ја носел на чело денес нема никаква врска со онаа средовековна чесна племенитост, логично бидејќи нивните зла споредени со нашите се безмирисни прашинки. И апсурдно е да се верува дека злата имале прогрес, но вредностите кои се ценат го задржале својот стандард?
Нормално, неполудено човечко суштество кое во себе носи искрена и непоколеблива добрина, која е слепа за газење, кастрење и здрав реален ќотек, не постои и точка. Не е можно да поседуваш предвидени дози на емоции за еден современ човек, кој и физички и психички живее во денешниот свет, и да останеш она кршливо што најтајно се сеќаваш дека си бил, или искрено посакуваш да бидеш. Па затоа, слободно би им јадела гомна на Бескрајните добротворци до сто и една и назад.
Ете, јас признавам дека моето познавање на бројките не е бескрајно, и иако е бесмислено и по идиотска тврдоглавост рамно на локал патриотизам, ептен сум горда на истото!