Документарниот филм „Името си е име“ отсега и на ДВД
Скопје, 19 април 2011 (МИА) - Документарниот филм „Име си е име“ чиј продуцент е Џејсон Мико, а режисер Исланѓанецот Сугурјон Ејнарсон кој живее и работи во Норвешка, отсега е достапен и на DVD.
DVD верзијата на документарниот филм „Името си е име“ во NTSC и PAL формат може да се набави преку интернет сајтот „Амазон“.
Продуцентот Мико вели дека на ваков начин сакаат да бидат сигурни дека филмот ќе се најде во рацете на оние кои ја креираат политиката во Вашингтон, Отава, Канбера, Лондон, Брисел и други главни градови, како и до локалните власти во помалите градови.
Докоментарниот фил „Името си е име“, кој веќе беше прикажан во многу земји, зборува за Македонците, нивната приказна и зошто името Македонија е многу важно за нив.
На промоцијата во Македонија во септември минатата година, режисерот Ејнарсон рече дека спорот на Македонија и Грција за името било провокација што го поттикнала да го сними филмот.
– Бев шокиран кога открив дека во централниот дел од Европа во 2010-та има конфликт. Голема, моќна нација негира друга, соседна и мала нација. Го негираат идентитетот и името. Ова е прв чекор на подолго одење, рече Ејнарсон.
Документарецот од 48 минути раскажува за Скандинавец кој доаѓа во Македонија и патува низ земјата со мотор, прашувајќи ги Македонците од сите слоеви, што значи да си Македонец и зошто името Македонија е толку важно. Наратор во филмот е сер Ендру Моушн, кој во Британија лани е прогласен за поет лауреат за изминатите десет години. Неговиот глас ја раскажува приказната за скандинавскиот патник кој не зборува пред камерата.
Филмот е насловен според истоимената песна напишана и изведена од Мортен Харкет, член на славната норвешка група „А-ха“. Песната е на неговиот солистички албум „Letter from Egypt“. Мортен и режисерот Сигурјон првпат ја посетија Македонија во 2007 година, кога учествуваа на светската конференцијата за меѓурелигиски дијалог во Охрид. Таму тие се заинтересирале за македонското прашање. Музиката за филмот е дело на повеќе странски уметници, а меѓу нив се и македонските Кирил Џајковски и Тоше Проески.