Прва Македонка со црвено жолтото знаме на врвот на светот
Подвиг со тежина на олимписки медал
Првата Македонка што стапна на „покривот на светот“ се' уште чувствува возбуда, неверие и радост од подвигот за себе и за својата држава.
Најтешката битка е онаа која ја водиш самиот со себе и со природата, а на 23 мај Илина Арсова ги доби и двете, искачувајќи се на највисокиот врв во светот Монт Еверест.
Потребни и' беа два месеца, од еден месец поминат над 5.000 метри надморска височина, 20 часа финално искачување и една боца кислород за уживање и исполнетост што траат само десетина минути во темнината на раните утрински часови.
„Го гледав врвот пред себе и нема повеќе каде да се оди, тоа е тоа. Десет минути се задржавме и чувствував радост за мене и за мојата држава. Возбуда, збунетост, едноставно, не ти се верува дека си тука, дека искачувањето на врвот станало реалност. Тоа ќе биде инспирација и пример за други“, раскажува првата Македонка на „покривот на светот“, која денеска успехот со сподели со медиумите.
„На самиот врв беше предвидено да пристигнеме на изгрејсонце, кога е најубаво и најчисто и има убава перспектива и видик. Но, темпото на движење ни беше побрзо, па се искачивме околу 3 часот наутро. Бевме тројца, прв на врвот пристигна лидерот на експедицијата, потоа вториот член и на крајот јас, сите во временска разлика од околу пет минути. Времето беше студено, ветровито, немаше што да се види. Изгрејсонцето не' фати на враќање, на околу 7.500 м на местото наречено Балкон, каде што од едната страна е Тибет, а од другата Непал, во далечината се отвораат Хималаите, прекрасно“, продолжи да зборува Илина, која низ смеа дофрли дека не е подготвена за прес-конференцијата, бидејќи во вторникот вечерта се вратила од двомесечната комплексна експедиција.
Арсова го споредува освојувањето на Монт Еверест со другите спортови.
„Се вели дека напорот потребен да се стигне до врвот е со тежина на шест маратони, во студени услови и со редок кислород. Ако треба да направам споредба со освојување медал, би рекла со олимписки медал. Реално, олимписки медали има многу повеќе отколку луѓе што се искачиле на Монт Еверест. Од 1960-тите, кога почнале експедициите, 2.000 луѓе се искачиле на врвот, од кои помалку од 10 отсто жени. Во ниту еден друг спорт не е толку голем и толку долг интензитетот и напорот како во овој случај, а се добива само десет минути уживање на врвот“, вели таа.
За Арсова ова е прво искачување на врв над 8.000 м, на што е посебно горда, и покрај фактот дека, колку што е фантастичен, толку е и опасен овој предизвик.
„Времето е основен фактор. Тоа може да донесе опасни последици. Сами сте со планината и тоа е борба со самиот себе и со природата. Условите се ограничени и менталната и физичката издржливост се рамномерно важни. Во периодот на експедицијата имаше 13 жртви за кои слушнавме, како на Монт Еверест така и на околните места. Но, ние се искачувавме доцна, на крајот на сезоната. Одевме сигурно и бевме подготвени на се', па поради тоа не се соочивме со непредвидливи ситуации“.
Монт Еверест е еден од вкупно 14 врвови во светот со височина над 8.000 метри. Токму тие 13 што остануваат се следни на списокот на Илина. Заедно со нив е и мисијата „7 врвови“, кои ги вклучуваат седумте највисоки врвови на седумте континенти.
„Посакувам барем еден од нив да го освојам без користење кислород и со поинаков стил“, изјави петтиот македонски алпинист што го освоил „покривот на светот“ по Димитар Илиевски-Мурато, Глигор Делев, Сашко Кедев и Здравко Дејановиќ. (В.З.)