Втор челенџ и втор гледан филм. Кој ми е крив што ме мрзи да одделам 2 часа од моето време и да направам летербокс и да ги додадам филмовите што сум ги гледал, вака ќе ме ставаат во улога на аутсајдер и ќе ми даваат мејнстрим филмови
Punch-Drunk Love или Опиени од Љубов, филм на како што го викаат Кјубрик на денешницата - Пол Томас Андерсон со Адам Сендлер и Емили Вотсон во главните улоги, придружувани од милениците на ПТА - Филип Сејмур Хофман и Луис Гузман.
Бери Иган (Адам Сендлер) е осамено, љуто човече кое работи како директор на скромно складиште во долината Сан Фернандо за производи за тоалети. Животот на осамениот Бери Иган се сведува на седење во малата канцеларија и животарење во неговото мало и скромно станче. Дека не станува збор за обичен лик прикажува и тоа што собира пијано од улица и го внесува во својата канцеларија и купува енормен број на пудинзи само за да собере авионски миљи за патување. Неговата осаменост оди до тој левел што тој се јавува на хотлајн, ама не заради тоа заради кое би се јавил секој друг човек на светот, туку само за да зборува со некој. Има 7 сестри кои му го контролираат животот и кои го сметаат за тотален аутсајдер, единствено нешто кое тој очајно сака е да престанаат да му навлегуваат во приватноста и да му го уништуваат животот... Животот на Бери Иган конечно добива смисла, свежина и радост кога ќе ја запознае срамежливата но привлечна Лена (Емили Вотсон) преку serendipity.
Првиот дел на филмот е драма додека останатите 45 минути преминува во романтична комедија...
Целиот акцент на филмот е ставен на Адам Сендлер и на карактеризација на ликот на Бери Иган, кое за големо изненадување на сите Адам Сендлер предобро го изнесе, да не кажам искина. Вешто балансира помеѓу лик кој има anger issues и крши предмети кои ќе му се најдат во видокруг, нихилист кој се задоволува со ситни задоволства и човек на кој му е потребна љубов и социјално прифаќање. Очигледно е дека Бери Иган е љут и незрел лик, дете сместено во тело на возрасен маж.
Од друга страна се поставува прашање што бара жена како Лена во врска со лик како Бери Иган, и тогаш стапува на сцена сценаристот и ни прикажува осамени луѓе кои буквално копнеат за трунка љубов, а во исто време ни кажува да не размислуваме и да поставување прашања, едноставно да се препуштиме и да уживаме во љубовта на Лена и Бери, бидејќи е сосема непотребно да се објаснува љубовта.
Симболиката на љубовта ПТА ни ја прикажува и преку ослободување на негативната енергија/бесот спрема нешто корисно - љубовта и дека не можеме да ја искусиме целокупната сила на љубовта доколку не се препуштиме целосно. Така Бери сега целиот негов бес и лутина наместо спрема предметите го усмерува накај Лена и неговиот однос со неа.
Интересен факт, овој филм е прекретница во кариерата на ПТА кој после овој филм строго се бави со карактеризација на ликови, пратено со минималистичка акција, втор интересен факт - овој филм послужил како експеримент за најдоброто дело на ПТА и најдобриот филм снимен во 21ви век - Ќе има крв, каде карактеризацијата е доведена до совршенство.
8,5/10!
Кога би морал да погодам кој ми бил Валентин Николовски, би рекол дека е Филип Вохохолта Телфорд.