Јас го добив
The Bridges of Madison County (1995)
Никогаш посебно не сум сакал романтични филмови, па се надевав дека ќе добијам филм кој ќе биде нешто поразличен од другите во тој жанр, дека ќе понуди нешто неочекувано и дека пријатно ќе ме изненади. И стварно ветуваше кога го добив, пошто ем не знаев ништо за филмот претходно ем видов дека е со филмските икони Клинт Иствуд и Мерил Стрип.
Накратко, се работи за четиридневна афера меѓу домаќинка која се наоѓа во досаден брак и фотограф кој доаѓа на неколку дена во малото место каде живее таа. За аферата дознаваат нејзините син и ќерка, кои доаѓаат во местото по нејзината смрт и дознаваат дека во тестаментот побарала нејзината пепел да биде истурена од еден од мостовите во близина, а да не биде погребана покрај сопругот. Сето ова го раскажува во својот дневник.
Сепак филмот не ми понуди ништо ново. Уште од почеток се гледаше како ќе оди приказната, и на моменти се базираше на стандардни клишеа. Генерално не се поврзав со емоциите и мотивите на главниот лик Франческа, па дури не видов нешто премногу романтично во целата приказна. Очајна домаќинка паѓа на типичен мачомен. Океј, сосема релевантно и нешто што се случува секојдневно. Но филмов не ме убеди како една брза афера може да предизвика толкави емоции кои би траеле цел живот. Посебно кога сопругот на Франческа беше сосема океј човек кој ниту ја малтретираше, ниту се однесуваше лошо кон неа.
Разбирливо е да памети човек што и понудил нешто ново по што еве копнеела... Но не можам да најдам оправдување да го става на пиедестал пред човекот со кој го поминала целиот живот и кој е татко на нејзините деца. На крај наместо да ми е жал за неа, што веројатно е целта на приказната, жал ми беше за мажот и. Посебно во онаа сцена кога се фаќа за кваката на камионот и размислува дали да излезе и да појде со фотографот. Упорно мислите ми одеа на тоа дека човекот не го заслужил тоа. Па уште и да го понижи толку што ќе одбие да биде погребана до него... Тоа што синот и ќерката исто имаа несреќни бракови исто ми изгледаше како клише и како еден вид оправдување за тоа дека така лесно ја прифатија целата работа...
Фала на купидонот, но ова сепак не беше my cup of tea. Оцена 5/10