После релативно долг период, седнав пак да ја гледам серијава, во една поопуштена атмосфера отколку пред две - три години (ја даваа кај нас и во средината на 90 - тите, но тогаш бев помал и не ги гледав сите епизоди, па нема да го земам во предвид тоа).
Дефинитивно, Твин Пикс е една од најдобрите што ги имам гледано. Атмосферата изобилува со некаква мистичност и недореченост, во позитивна смисла на зборот, при што многу нешта се препуштени на имагинацијата на гледачот. Сакам да кажам дека не е се медиокритетски „нацртано“ или преџвакано и поготвено за конзумација.
Иако Линч не е режисер и сценарист на сите епизоди (на Wikipedia прочитав дека Дајан Китон режира една од нив), секогаш е присутно неговото влијание. Дијалозите и ликовите сместени во чудниот и прекрасен град кој крие морничави тајни се сосем нормални за една таква средина во која се испреплетуваат повеќе граници, видливите меѓу САД и Канада,меѓу цивилизацијата и не толку допрената природа, но и помалку видливите меѓу реалноста и надреалното, меѓу сонот и јавето.
Разврската во серијата од тоа што го имам прочитано и слушнато е изнудена под притисок на телевизиските продуценти и нестрпливата публика (или нешто слично). Штета што крајот не е препуштен на креаторите на серијата.
Најавната тема, компонирана од А.Бадаламенти, е прекрасна.
И нешто за крај, повеќе како прашање отколку како констатација. Во повеќе сцени на филмови од Линч, сум забележал машини, тешка индустрија, оџаци од кои испарува чад... Дали се работи за некаква аверзија на режисерот кон модерниот, индустриско - технолошки напредок, кој е постигнат по цена на губење на човечноста и духовното или сум се излажал?