Интересно е кога зборуваш со некој за серијава и ти вика најдобра, класика, итн итн итн. а никој не знае да ти објасни што му се допаѓа во серијата. Прочитал на нет дека е култна и мора да се следи трендот. Ќе речете се дружам со погрешни луѓе, ама тоа е моето искуство.
Истото мислење го имав на почеток, ама дека свежо ја гледав (летово) ќе пробам да дадам мислење и мое видување на серијата.
Линч создава еден нов свет, свет што досега не сме го познавале. Идеални услови за развивање на истиот. Мало градче во кое сите се знаат меѓусебно и сите кријат некакви мистични тајни, сите се некако чудни и посебни. Сивило и атмосфера на блискост, а сепак отуѓеност. Надреализам во секоја смисла.
Плус, во тоа време прва серија што вклучува микс од драма, крими, хорор и хумор елементи во едно. Истрипани сонови и чудни нејасни симболи што е тешко пред сè да бидат дел од едно сценарио, а потоа и да бидат изрежирани така генијално. Еден куп ликови, развиени до крајност, интриги и сплетки. Култни реплики. Во ниедна серија не се толку истакнати лудилото и болниот ум на еден лик, во ниедна серија претходно не сме виделе како тие ликови се справуваат со двојните животи и колку психопатски мисли може да има човек што навидум изгледа нормално. Серија од која лазат морници поради отсликувањето на човековата психа.
Матни бизниси од кои секој гледа да извлече полза. Атмосфера на хаос и карневализам (со маска секој човек бидува она што всушност длабоко во себе е). Најмоќните и најбогатите во градот алчни и аморални до степен што би дошле во ситуација да имаат секс со сопствената ќерка (Бен Хорн во One Eyed Jacks), мрдната жена што разговара со трупец, дилер што ја тортурира жената секојдневно (Лео) асоцијализиран тип што чува дневник од мртва девојка како да е тоа нешто свето итн. итн. Колорит од ликови на кои налудничавоста им е заедничка црта. Препотенцирано и тенденциозно, со сигурност, ама толку е тешко да се искреира еден лик и да се направат сплетките каде што секој со секој е поврзан... За тоа сведочи денес и Game of Thrones што е сосема друга приказна, но нејсе.
И шлаг на тоа
забавен дел од будалетинките Луси и Енди чија љубов е можеби една од најскладните што постоеле во серии и што со сигурност се најглупиот пар ever.
И нормално, најдобриот soundtrack што некоја серија некогаш го имала.