Извесен период не ги гледам доделувањата Оскари, ниту пак навремено ги гледам филмовите кои добиле награди на манифестацијата (па оттаму, и мислењево не се однесува конкретно на 89-ката), но одамна имам впечаток, кој ниту е само мој, ниту пак, е нешто што ретко се среќава. Со извесни варијации и изненадувања, се преповторува шема во која е горе-долу јасно кој добива награда, а кој не добива. Историски спектакли и драми (од американското или англиското поблиско или подалечно минато), трагични приказни за страдањата на Евреите (холокауст, Аушвиц) или потресни стории за тешкиот живот на црнците - робови, за маките на општествено отфрлените хомосексуалци и слично.
Оскари се доделуваат и за минат труд (не мислам, притоа, на оној за животно дело) - феноменални актери и режисери безброј пати номинирани и понижувачки одминати за некои одлични филмови, подоцна добиваат статуетка за (пот)просечни остварувања. За да се замачка некако срањето од минатото. Во Холивуд има омилени и не толку омилени лица, групи и групички, лобирања, и секако, многу политика. На пример, што и да сними Гибсон, како и да одглуми, во догледно време не верувам дека ќе има уште еден оскар за него.
Голема претстава за народот, модна писта за познатите, парада, како сакате. Слично како и Нобеловите наград, и престижот на оскарите е се' поблед.