Иако не напишав такво нешто во темата за филмски желби во 2014, одлучив секој месец од годинава да го посветам на еден режисер и да направам еден маратон со неговите филмови. Јануари ми беше за
Кристофер Нолан. Не знам зошто го одбрав него, може затоа што гледав во Moviespotting дека многумина го репризираат The Prestige. Ама задоволен сум што го одбрав него, зошто едно од ветувањата во темата за желбите ми беше дека во 2014 ќеги гледам (за прв пат) сите филмови за суперхерои, па така со гледањето на трилогијата за темниот витез на Нолан убив две муви со еден удар. Значи - во изминативе неколку дена ги репризирав Memento, The Prestige и Inception, а за прв пат ги изгледав и Following, Insomnia, Batman Begins, The Dark Knight и The Dark Knight Rises. Вака изгледа топ листата на неговите филмови (иако ми беше многу тешко да ги рангирам првите 4, сите се подеднакво добри):
1. The Prestige
2. Memento
3. The Dark Knight
4. Inception
5. Batman Begins
6. Insomnia
7. The Dark Knight Rises
8. Following
ОК, знам дека по Memento ептен се искомерцијализира и во филмовите се гледа дури и неговата борба помеѓу уметноста и она другото - она што го прават парите. Но и покрај тоа што е режисер на блокбастери, Нолан останува интересен и по Memento. Ми се допаѓаше развојот на нелинеарниот тек на приказната: од Following, преку Memento и The Prestige, па се до Inception. Како да се труди да биде се покомплексно и покомплексно раскажано. Интересно е што и Нолан, како и многумина други режисери, си има свои „омилени актери“ кои обично ги фура низ филмовите: Мајкл Кејн му е миленикот број 1 (ќе го има и во Interstellar од 2014), но и Кристијан Бејл, Џозеф Гордон Левит (или како и да се чита Levitt) , Том Харди и други. Нолановите „клишеа“ се движат од почетоците на филмовите кои обично се флешбек сцени од крајот на дејството и во кои првиот кадар е главно фокусиран на рацете на главниот лик, преку гро-плановите во кои позадината е замаглена, до нелинеарните или паралелни приказни со кои не води кон кулминативна точка, кои обично вклучуваат романтичарски извајан лик кој се бори за одмазда на мртвата љубена (или љубен), и во кои главните ликови обично имаат некое пореметување од психолошки карактер. Она што мене најмогу ми смета е што на сметка на приказната кај него трпат карактерите. По мое мислење - сите до еден се недоволно извајани. Не знам за вас, но за мене и покрај огромните суми пари вложени во неговите филмови и спектакуларните визуелни ефекти кои ги прават дури и повеќе од обични блокбастери (освен првите два: Following и Memento) Нолан е еден од подобрите режисери на денешницата. Едвај го чекам Interstellar во кој освен Мајкл Кејн ќе ги видиме и Метју Мекконахи, Џесика Частеин, Кејси Афлек ииии..... Анетоооооооооооооооо!
За фановите на Radiohead (гледам многу ве има на форумов) пред да почнете да го хејтате, внимавајте - прочитав дека и Нолан е еден од вас.