Конечно го изгледав Once Upon a Time in Hollywood. Секако дека доцнам, како и за се останато во животов, но си ветив дека годинава ќе сум поактивен од порано (за контекст - минатата година дали изгледав 10тина филма се на се...)
Иницијалната импресија од филмов ми беше дека Тарантино докажа две работи. Прво, дека е маестрален режисер на кој му нема рамен моментално, а второ, дека ужива таков статус во индустријата, што не му е гајле дали ќе го напише совршеното сценарио, или дали воопшто ќе напише сценарио кое ќе има намера да го забавува гледачот. Напротив, сака самите да си ја составиме приказната (до одредена мера) и јас немам проблем со тоа.
Pacing-от, отсуството на конфликт помеѓу двата главни лика, времетраењето и „епизодичната“ структура ми беа онака, мех. Точно, епизодноста е trademark на Тарантино, но овде, во првиот дел од филмот, се забележува многу повеќе затоа што приказната се уште треба да заземе некој правец. Вториот дел е доста подобар, и тоа се должи на две сцени кои отстапуваат од сите останати - Клиф Бут оди на ранчот каде што живеат хипиците, и хипиците, на чело со Текс, ги поматуваат сметките и влегуваат во погрешната куќа. Поради ова, откако заврши филмот, ми фалеше да навлезе малку подлабоко во Менсон аспектот, и да го оправда сиот тој foreshadowing што го правеше.
Точно, ова е пред се филм за Холивуд на крајот од златната доба, но кога го имаш култот на Менсон како наративен елемент кој стои во позадина, зошто да не ставиш дополнителен фокус на него? Сфаќам дека Тарантино не сака да прави филм за хипиците, туку за актер кој сфаќа дека кариерата му оди во надолен правец додека неговиот другар/колега е индиферентен за светот околу него, но кога едниот аспект е „пофилмски“ и „поинтересен“ од другиот, се прашувам дали, во некоја друга прилика, таков филм би ми го направил искуството како гледач подобро.
Верувам дека Once Upon a Time in Hollywood треба да се изгледа - човекот е генијален режисер, и можеби најавтентичен автор денес. Но не мислам дека ова дело има rewatch value како неговите претходни остварувања поради тоа што раскажува толку многу приказни во исто време, што не допира до ниту една од нив подлабоко.