Гледаш... денес секој мајмун може да напише нешто што за себе ќе го смета како добро дело, а сепак да му се суди како злочин. И злочин е... ненамерно лошо направено дело? Таквите врескачи, бунтовници и некомформисти воопшто не смениле нешто на позитивен начин. Добро, не сите од нив... Ама кој сум јас да им судам на оние кои лошо ги искористиле дугмињата на тастатурата, кој сум јас да им судам на оние кои пишуваат за нешто што воопшто и не ни го почувствувале и не ни го знаат.
Најдете си епитет онаков каков што вие сакате, слободата е потполно ваша.
Дозволи ми да ти зборувам за она што во моментов е околу мене. И во мене?
Некогаш се чувствуваш како фрижидер кој не е отворен долго време. Замисли, не те отвориле ни да те исчистат барем малку, незнаеш ни дали ќе светнеш кога некој ќе те отвори. Минливи се тие работи... ама и не искористив најдобра метафора i guess?
Затоа што фрижидерот и затворен и отворен секогаш е ладен. Ние сме? Не! Во овој момент, во оваа таканаречена фаза на моментално бунило, не сме.
Еднаш некој ми рече дека треба да си во 20те проценти од најуспешните во тоа што го работиш и кон кое целиш. Секогаш ги учев моите кловнови и пантомимичари, или како сакате... секогаш ги учев дека најдобрите никогаш не смеат да си дозволат да згрешат повеќе од еднаш
Му се случува на најдобриот да згреши во една работа само еднаш! Ако згреши веќе втор пат, значи не е најдобар!
На крајот на краиштата, никому не му е гајле дали си во тие 20 проценти најуспешни крадци, светци со потскриени профили на убијци, лакоми црви, дворски службеници и лицемери.
Кога ќе ја разгледаме подетално структурата на нашата порота која секогаш не’ осудува ќе видиме дека токму овие паразити се кријат во телата на такви лигуши.
Проблемот е донекаде во мене, затоа што сум дозволил да седнам и да ги слушам нивните непотпрени контра аргументи. И глупави се... затоа што ти си тој виновникот сепак, без разлика дали си направил нешто или не. Впрочем, на кому му е гајле дали си само случаен сведок или разузнавач од моќната бригада?
Оваа глупава приказна ќе ти ја оставам за нареден пат, затоа што сега и повеќе се чувствувам глупаво јас.
На моменти се прашувам, дали сум глупав јас што им допуштам да го прават тоа или тие се глупави што си фатиле работа со мене?
Точни се и двете работи, од кои првата повеќе.
Ќе ти кажувам за овие побрзо изминати денови. Неможам да ти раскажувам за деновите пред 2,3 или 5 години. Ќе ти раскажувам за оние денови сега.
Деновиве мојот живот го сочинуваат повеќе монолози отколку дијалози. Глупаво оправдување а? Не е тоа песимистички начин на гледање на работите мил читателу. Можеби ќе се разочараат од мене сите, затоа што не сум ни пола од она што можам да бидам. Ама секогаш се правиме дека сме најдобри така?
Епа не сме. Се чувствувам како да ми треба еден мечкарски сон па да ги сонувам сите оние работи кои некогаш биле. И да сонувам за сите оние работи кои некогаш ќе дојдат. Поточно – не сум сигурен дали ќе дојдат, па еве ти кажувам дека за нив нема да сонувам. Ќе сонувам за оние тажни моменти од среќен карактер.
Мада не сум сонувач... и ова што го кажав се чисти глупости. Не сум сонувал никогаш ништо, освен една работа која сакам среќно да ми се исполни уште од мал.
Ама таа работа не е битна, затоа што нема да ти ја кажам, не барем во овој бесцелен текст. Зборот “бесцелен” е всушност убав збор. Затоа што дури сега да ја знаев целта поради која го пишувам ова, немаше да му се посветам на секоја ситница и притоа да не се вратам и избришам ниедно зборче.
Тоа е убавината на работите кои немаат некаква цел. Секој ден можеш да ги доживуваш одново и одново... И секој различен ден различно ќе им пристапиш. Тоа се оние работи кои немаат цел, а се неверојатно убави.
Си се запрашал некогаш на кој начин си ја засликуваш топлината на животот? Замисли, чудно е и детинесто ама ај јас да ти кажам – тоа е како во оние нараторски цртани филмови. Среќно собрана фамилија, заедно со нивното мало слатко кученце или маченце си седат покрај топлиот камин, во куќа на еден спрат, некаде на некое ридче. А надвор ќе си врне снег и ти си пиеш топол чај, свиткан во едно ќебе. Додека трае ноќта ќе ти стигнат и другарите и заедно ќе си раскажувате возбудливи приказни. Додека трае ноќта твојата баба може да ви направи топло чоколадо на сите. Ама да сркаш и да нема крај.
Тоа е глупава фантазија. Уште поморбидно е што таа е и неверојатно неостварлива. Не е остварлива затоа што назад во реалниот живот сега е 16:01, 23 февруари 2009 година. И часовникот кој е до мене се расипал и покажува 20 часот и 23 минути. Првото нешто што ми падна на памет беше – што би правел јас во овој час и минута вечерва? Ништо, веројатно како и секогаш – ништо.
Процентот да направам јас нешто е неверојатно мал. Ама ако одиме на веројатност тогаш е 50-50. Или правам нешто, или ништо не правам. Како и што сега ништо не правам и многумина би ми замериле затоа што го пишам ова глупаво нешто, а воедно и го ставив негде за кој сака да го види.
Најдоброто ќе ти го оставам за крај. Замисли колку е во исто време болна, ама и во исто време радосна онаа болка која ти ја причинува стомакот. Во такви моменти, кога мојот дигестивен систем сака да си поигра со мене, ми се крева адреналинот.
Неописливо чувство. На почетокот беше тешко, да... кога бев слабак. И сега сум, ама далеку поснаодлив слабак од претходно. Сега не се ни борам со болката што ја причинува тој. И секогаш, секој ден, по 3-4 пати, кога доаѓа таа не оставам да ме праша дали сака да ми наштети.
Само се впуштаме во акција јас и мојата болка. Не си го знаел овој податок читателу – брзината со која болката патува низ телото е приближно 90 километри на час. Мојава е на автопат, вози со 200.
Во една нестоплена соба со многу топла печка, јас се виткам и паѓам на земја. Чувството кое ти го опишувам трае 45 до 50 секунди. Секој ден, вака правејќи по 3-4 пати во истата соба, јас се препуштам и си легнувам на подот за да се релаксирам една минута после нападот.
И секогаш, верувај... ама баш секогаш кога ќе легнам на ладниот под, си велам – о Боже, овде долу е многу гнасно...
Еднаш слушнав дека на овој свет не мора да се стремам да бидам голем човек, доволно е да бидам само човек...
Затоа и ја зедов правосмукалката за да исчистам. За кога пак ќе паднам, барем да паднам на чист под. Тоа е големината на човек. Уствари, мил, не станува збор за големината на човекот, туку за човечноста.
Можеби на самиов крај, ако си стигнал веќе се’ да прочиташ, ќе ти кажам еден многу битен детаљ во врска со неповрзанава приказна – приказнава е со среќен карактер. Ако ти оставила впечаток на слаб емотивец кој излезот го бара раскољниковски, верувај, воопшто не е така.
Прочитај ја повторно, ако веќе се осудиш да ја прочиташ. Ќе спознаеш дека во тебе врие голема енергија и си спремен да го истрчаш целиот тој рид за кој ти зборував... Не се сеќирај, нема да ти помине. Ниту некогаш поминало тоа чувство. Само некако заспало, ама во овој случај мораме да го разбудиме.
Луѓето ќе те заприметуваат, и оние кои мислиш дека никогаш не те погледнале, те знаат доволно добро. Не ги мрази и оние критичари кои на твоите дела ќе им дадат минуска. Верувај, барем го прочитале тоа што си го кажал. И да... заблагодари му се на тој што го прочитал твоето глупаво текстче, твоето џаболебарско слободно текстче произведено од слободното време со кое поседуваш.
Си стигнал веќе до овде, имаш од мене голема благодарност.
Затоа што сигурно веќе си се запрашал дали ти си глуп затоа што го читаш ова, или јас затоа што го напишав.