Што мислење имате за книгите на Гајто Газданов?
Има 4 книги од него преведено на македонски, сите во издание на Темплум едиција-Магма. Со исклучок на Будење која не дошла на ред, за другите три на кратко:
1. Призракот на Александар Волф.
Омилена од трите. Убав трилер напишан во стил кој те вози како низ филмска лента. Јасен е за читање, описно и стилистички убаво обвиткан, топла препорака за љубител на крими трилер
по литературен стандард, односно за читател со книжевничка жед, а не за некој кој бара од книгата возбуда и адреналин, како што се оние трилери од Матица, Шматица. Не дека ги нема, ама не се примарниот фокус. Или со филмски речник книгата е повеќе Џокер помеѓу стрип супер-херојските филмови отколку Авенџерс. Дали е меѓу првите топ 100 книги што мораш да ги прочиташ пред да умреш? Можеби и не. Дали е меѓу вторите топ 100 од кога првите ќе ги поминеш? Дефинитивно да и тоа прилично високо на листата. Фудбалски книгата не е Реал или Барселона во шпанска лига туку негде меѓу Валенсија на времето со Клаудио Лопез и/или Атлетико Мадрид. Генерално 8/10 ако тераме паралелни ИМДБ стандарди во литература.
2. Црни Лебеди
Збирка раскази, тука веќе во покласичен литературен стил, односно не стриктно жанровски определен како трилер, хорор или научна фантастика, туку класични секојдневни случки. Тие се двете работи кои ја разликуваат од првата. Заедничко е возењето како на филмска лента и јасноста на стилот. Предноста на повеќето раскази отколку еден роман е што можеш да добиеш поразнолика престава за Газданов како автор. Ако Призракот е главното јадење, Црни Лебеди е шопската салата со ракија претходно. 7.8/10
3. Вечер кај Клер
Првото негово дело и по многумина и најдоброто. Начелно негов автобиографски роман кој се одвива пред и за време на граѓанската војна во Русија. И тука е присутен моментот на возење како филмска лента со една многу битна разлика. Овој роман е поописен и многу посконцентриран на недопирливите аспекти како опис на мисловни и емотивни процеси и позиции, компарации по истите и општо скица на внатрешната состојба пред се на самиот автор кој и е главен лик во романот, само не со неговото вистинско име и презиме. Историските случки се провлекуваат како зачин во романот, не се во прв план, ги има дозирано доволно да послужат како збогатување на главното дејство, ама не премногу за да се класифицира делото како историски жанр. Лично мене повеќе ме бендиса Призракот поради помалиот квантитет на опис на душевна состојба и чувства нешто што мене лично ми е понапорно за читање, но тоа не значи дека мајсторски не го обработува тој дел или дека ја намалува уметничката вредност на романот само затоа што мене не ми е поинтересен. Сакам да сум објективен, затоа исто 8/10.
А сега генерално за Газданов. Во Вечер кај Клер, во белешка за авторот, Гелевски, сопственикот на Темплум, Гајданов го става на исто рамниште со Набоков, поткрепувајќи го со фактот што во денешна Русија делата на Гајданов се застапени во програмата на школите како лектири и дека на Газданов литературната критика му пристапува на истото ниво како и на Набоков. Од страна, за некој кој со литературата е запознаен онолку колку што некој од филм знае кои се Анџелина Џоли, Бред Пит и Леонардо ди Каприо, ова мислење може да изгледа дрско и преувеличено. Ама ако тргнеме препознавање на бренд име како фактор и се задржиме на суштината и квалитетот на делата, мислам дека изедначувањето на двајцава е скоро па милиметарски точно. Јас дури и би се надоврзал тука дека преувеличеноста на едниот, а потценетоста на другиот е количински иста. Ако Набоков е преувеличен за 10 мерни единици повеќе отколку што се курчел со неговата ароганција и омаловажувањето на своите колеги писатели, тогаш Газданов е за 10 единици поневреднуван. Односно ако едниот е перцепиран 7/10 а другиот 9/10 реално и двајцата се некаде 8. Знам упростено е вака, а уметноста не е подлежна на ленири, ваги и топломери, ама на овој начин полесно се добива претстава. Некој кој од литература сака само кајмакот да го собере и нема или не сака да одвои повеќе време и енергија би му препорачал едно дваесетина книги меѓу кои ќе бидат Достоевски, Толстој, поезијата на Алан По и Бодлер, Улис на Џојс, Изгубеното време на Пруст и слично. Ама, ако добро сум те проценил по твојот интерес за литература и дискусиите на подфорумов, дефинитивно треба да го имаш Газданов во предвид. Пак ќе кажам, ова не е општ одговор, туку одговор лично до тебе на тоа дали треба да го читаш Газданов или не.
И за крај збор два за едиција Магма од Темплум.
Гелевски е налудничава комуњара и мене ми е прилично одвратен со неговото однесување и политичката селективност, односно во време на Грујо нон стоп правеше мемиња и објави на сајтот Окно против глупостите и деспотизмот на тогашната политичка гарнитура, а сега кога најверојатно лапна некоја субвениција и владино спонзорство жив го нема да бекне за моменталната владејачка структура и молчи како вагина. Не изненадува податокот што најголемите куртони од СДСМ како Фрчко, Мирослав Грчев и Шеќеринска имаат токму во Темплум објавено книги.
Меѓутоа! Како познавач на литературата и книжевните изданија и од историски и од тековен аспект Гелевски е професионалец пар екселанс. Првите дела на Набоков, Буковски, Кортасар, Георги Господинов преведени на македонски се издадени во Темплум како и многу други култни дела како Џекил и Хајд, Парфем на Патрик Зускинд, Новела на Сонот на Шницлер или Продавници во боја на цимер од Бруно Шулц, за прв пат на наш јазик беа овозможени преку оваа куќа. Многу од делата се реиздадени подоцна во други издавачки куќи но прв пат на македонски беа во Темплум. И не само тоа, Гелевски има познавање и во понемејнстрим изданија. На пример јас кога читам книга, на интернет пребарувам за авторот податоци и биографија, ме интересира со што (ќе) си имам работа. Кога ја читав Вампир Психопат од "некој си" Јуриј Мамлеев за него не можев да најдам скоро ништо а да не е на руски јазик и ако добро се сеќавам Google Translate немаше тогаш. На англиски, ни статија на Википедија, ни бутур. Сметај ова пред едно 7-8 години кога имаше и драстично помалку податоци за дотичниот автор отколку сега, не дека сега ги има којзнае колку. А книгата-феноменална! Тотално лудило! Како некој да те носи во некоја кафана по име "Кај Трајче ќелавиот" во Драпајмадино, село кое не постои во детални топографски карти на Македонија а не па на Google Maps. Во некоја импровизирана барака со инвентар како од спотовите на Јужни Ветар ти вади газда Трајче (кој е воедно и газда и скара мајстор и келнер) еден куп од мешано месо на лимен овал украсен со солидно количество 'рѓа по краевите од користење. А скарата, гомна да јадат и Џејми Оливер и Гордон Ремзи. Е Гелевски е тој некој што те однел во кафаната.
Кога ќе размислам и книгите од оваа едиција што помалку ми биле по мерак биле од оној тип како Вечер кај Клер со повеќе описи на внатрешни душевни положби, чувства и мисли, кои субјективно ми се подалечни како стил, па тоа била главната причина, а не дека биле објективно неквалитетна литература. Од другите едиции на Темплум немам ништо читано, ама со Магма што и да одбереш нема да погрешиш.
Ок, стварно немам осет за доста.