Еве го мојот плен од Саем. Знам дека звучи како клише веќе, зашто секоја година го кажуваме истото, ама овојпат навистина беше најлош Саем во историјата на саемите! Не само Матица, Просветно Дело, Македонија Литера, Блесок, Слово и други кои веќе со години ги нема, сега ја немаше и една Икона! Штандовите преголеми, понудата прештура, цените превисоки. Во однос на попустите, морам да ги пофалам само Антолог, Бегемот и ПНВ Публикации (иако годинава не купив ништо од последните две) кои навистина имаа големи намаленија на цените. Бидејќи не сакав да давам по 200+ денари за книги кои ќе ми седат и собираат прашина, одлучив скоро се што купувам за мене, да биде за да пополнам дупки во Или Или колекцијата, па така повеќето од парите ги потрошив таму (голем дел се тоа последни изданија од по 100 денари). The Game од Барико одамна ја чекав со поголем попуст, и конечно ја дочекав, за 200. И не достојав на зборот дека ќе ги бојкотирам Арс Ламина, ама само заради таа големата „Бајки од Македонија“. Инаку и нејзе ја меркам одамна, лани едно време и во книжарница кај нив беше намалена од 1500 на 1000 денари, и многу ми беше мака што не ја купив, зашто навистина вреди за сите пари. Сега кога ја видов дека е пак 1000, одлучив дека не смеам да ги бојкотирам, сепак. Плус имаа и дополнителен попуст од 10% на каса за купени мин. 5 книги, па си ја зедов и Истанбул од Памук и 3 од новите лектири за основно: Кифличката Мирна, Капетанот Торнадо и Збунети години. Така Бајки од Македонија за цела година ми испадна со попуст од 1500 на 900 денари и сум пресреќен што ја зедов (и да, пред да влезам, проверив на сајтот на Букленд, поскапа е таму
![Намигнување ;) ;)](/styles/default/xenforo/smilies/wink.png)
). Од Антолог плус зедов уште 2 лектири за основно: Сакам книга и Природо љубов моја. За штрумфовиве дома, нормално неизбежните последно издадени сликовници од Светот на Биби и Боби (Жирафата Жижи е буквално денешно издание), боенки и балончиња. А за мој мерак, зашто ме утепа носталгија кога ја видов: „Бушавата азбука“ за петстотче од Чудна шума.
И уште нешто: од такт ме вадат издавачки куќи кои се прават паметни: „Градот и градот“ од Чајна Миевил на Бата Прес до пред некој ден им беше на попуст од 250 денари, а не ја купив зашто мислев дека на Саем ќе биде поевтина, сега на Саем ја продаваат 300. Ги запишав на листата на најомразени издавачи. Имаше интересни и евтини наслови во Арс Студио, ама и од тааму не зедов ништо, не знам кој спомна тука дека им биле лоши преводите. Другите: Полица, Три, Феникс - изгор скапи! Култура, Ѓурѓа, Топер, Книгоманија, секташките штандови, албанските и турските, како и МПЦ ОА, МАНУ, Институт за македонски јазик - ги заобиколив и не ни застанав таму. Академска книга со нивниот нормален до 20% попуст. Арс Ламина сепак и не изпаднаа така лоши. На други не ми текнува. Ако се сетам, ќе додадам подолу.