Епилог
Со крајот на 2011 година дојде и крајот на нашата LotR сага. Мојот најдобар другар, дефанзивецот, на кого вистинското име му беше Виктор, иако сите го викаа Лепи затоа што не беше симпатичен, уште еднаш ми помогна да уништиме нешто. Овој пат ми помогна да си ги уништам соништата, еднаш и засекогаш.
Во значењето на сите мои приказни на оваа и другата тема за оваа година, останав должен да го кажам и крајот, баш онаков каков што беше. Иако за некои работи не сум сигурен дали се случиле, затоа што некогаш имам проблем да ги одвојам соништата од реалноста, скоро сум сигурен дека биле такви какви што сум ги опишал.
Како и секој понеделник, денот го поминав во исчекување на филмската вечер. Да, понеделник беше филмска вечер за напредни фанатици (затоа се собиравме само јас и Лепи), а среда беше филмска вечер за почетници, тогаш доаѓаа и Доле, Мрки, и останатата багра да свршаваат на Fast Five и слични лимонада филмови.
Беше околу 9 часот кога пристигнав кај Лепи со една папка цедеа. На вратата ме пречека брат му кој ја стопирал PES од играње за да ми отвори, и нормално поради тоа имаше едно 2-3 хардкор навреди на сметка на Лепиот.
- Море вошкар еден, не биди хипик, играј си Фифа 12 ко мене и брат ти, ебаве сте се научиле све PES та PES. - му реков на смеење.
Лепиот имаше купено Mix паковање со квики и рипчиња внатре, ама јас ги јадев само соленките. Сто пати му имав кажано да не купува со се риби туку да земе од оние што се посебни, ама ете, кој колку разбира...
Превртивме неколку цедеа, ги излиставме насловите, едно 90 посто од папката имавме изгледано кога случајно в очи ми падна еден наслов, Wicker Park.
- Не знам што е овај, мислам нешто љубовно дека е, романтики ова она... Сум го спуштил пред 2 години. Сакаш да го гледаме овај?
- Океј бе, све исто ми е. И онака не сум гледал ништо "љубовно" во последно време. А чим е америчко, очекувам да е срање ама ај... исти кур ми е. - одговори Лепи.
И Викер Парк испадна нешто сосема надвор од нашите очекувања. Очекувавме типични Ноутбук срцепарателни шаблони, ама добивме некаков друг концепт. Можам да речам слично срање ама нетипичен концепт на раскажување. Се работеше за Џош Хартнет кој беше заљубен во Дајан Кругер. И јас и Лепи бевме заљубени во Дајан Кругер уште кога го гледавме Копирајќи го Бетовен.
Џош Хартнет не го сакавме од причина што ни беше... со еден збор - дебил. Ама после оваа улога јас и Лепи останавме со подзинати усти. О Боже мој, три пати ќе му влепев шамар на Лепиот дур го гледавме филмот. Кон крајот го предупредив:
- Лепи ако не се сретнат овие на крајов бокс ќе јадиш. - бев готов да заплачам, ко некое лигле, се најдов во ситуација да навивам за некои измислени ликови да се сретнат. Како мене да ми влијаеше тоа... Бев на некој начин, ни самиот не знам зошто, погоден од приказната. Затоа што сакав да ми се случи и мене!
Филмот заврши со песната The Scientist и мене уште тоа ми фалеше за да експлодирам. Искрено, ми се измешаа милион чувства додека ја слушав песната. И во истиот момент почнав да размислувам. Од една страна копнеев да бидам дел од приказната за две личности кои се наоѓаат после цели 2 години, а од друга страна сакав барем еднаш во животот да залапам некоја додека во позадина оди The Scientist, и не само тоа, да водиме љубов на цел албум на Колдплеј, онака, меланхолично.
И за сите тие чувства ја знаев причината - Ана. Поминаа скоро 2 месеци откако и кажав дека ја сакам и кога таа ми кажа дека ме сака мене, ама ќе биде лојална на друг. Еби се Ана, помислив во тој момент. Уствари не... Те молам не се еби, не ти го посакувам тоа затоа што знам дека нема да е со мене, немој да се ебиш, туку... искрши ја главата од некој ѕид затоа што ти си причината да се чувствувам вака после некој љубовен филм.
- Ти мрднат си а? - ме освести Лепи после мојот монолог. - Ти самиот си крив, никој друг. Ако продолжиш вака ќе останиш само со Колдплеј во винампот. После ќе комбинираш со Владо Јанески и на крај ќе завршиш со Жељко Јоксимович.
- Одиме Лепи. - викнав јас.
- Каде бе?
- Кај Ана. Пред зграда. Ќе и се јавам да слезе долу и ќе и зборувам нешто убедливо...
- А јас? Што барам јас ебате? - ме праша.
- Да ме браниш ебате. Зошто ми си другар? Ќе и кажиш некоја добра работа за мене... ова она... ќе ја убедиме да го откачи лузерот, а ти ќе ми ја пуштиш The Scientist дур и кажувам некој цитат од филм. - скроив добар план, а Лепи цело време ме гледаше со неверување.
- Аман бе. Стварно те мрдна филмов, а?
- Те молам Лепи. Должник ќе ти сум цел живот. Речи кој сакаш филм од мојава колекција и ќе ти го дадам за тебе.
- Да? Го сакам Блејд Ранер ко така.
- Е еби се в газ... без него, кој било друг ќе ти го дам, само не него. - му реков.
- Или тој или ич не идам. - одлучно рече тој и немав друг избор. Сам се зафркнав.
Беше околу полноќ. На Партизанска имаше движење, и тоа доста за тој период од ноќта. Сите тие луѓе кои случајно ме разминаа и несвесно ме погледнаа, беа сведоци на мојот херојски поход, втор во мојот живот кога станува збор за Ана. Сега дури имав и засилување - дефанзивецот. Ама тој колку добро, толку и лошо може да донесе - или ќе ме направи дека сум крал или ќе ме направи поим за мизерија, што често и му успеваше.
Стигнавме до нејзината зграда. Имав трема, многу. Срцето ми чукаше со 300 на сат. Не се сеќавав кога последно сум бил толку напнат.
- Еј, што правиш? Јас... извини ако те будам, ама кај тебе пред зграда сум, слези да ти кажам нешто набрзина и ќе си одам. - и реков, таа прво нешто негодуваше па рече дека ќе слезе за 5 минути.
Тие 5 минути морам да кажам дека беа најкратките во мојот живот. Обично требаше да бидат долги, ама не беа. Не бев спремен.
- Што да и кажам бе? - го прашав Лепи кој стоеше на два чекори од мене.
- Па цитирај нешто ебате.. на пример "Од сите кафичи и сите животи на светов ти најде да влезиш во мојов... живот". Или на пример "Животот е како кутија од чоколади, не знаеш на што ќе наидеш"... Или... "My only, my precious"... Не знам, нешто слично.
- Не ме зезај. Да не сакаш и This is SPARTAAA да и речам? Ако сакаш да кажиш нешто, кажи нешто паметно. И памти го моментов, ќе треба да ми биде напишен во биографијата. - таман кога завршив, се појави Ана. Имаше сиви тренерки. Стегнати. Одма ме запали.
- Па? - ме погледна прво мене, потоа го погледна Лепи и ја намурти фацата. Не знам што очекуваше, ама не очекуваше два кловна во 12 часот навечер.
- Па... Гледав еден филм... Викер Парк. И ме натера да дојдам кај тебе и да се исповедам. Всушност, ако почнам од негде, да почнам со тоа дека сакам да бидиме заедно. На крајот на краиштата, знаеш каква е ситуацијата меѓу нас. Заеби лузерот со кого си, озбилно, што ќе ти е кога не го сакаш? Кога и самата ми призна дека чувствуваш нешто за мене?
Ана не го очекуваше ова. Јас го испукав набрзина секој збор, не ни застанав да размислам. Не знам од каде ми дојдоа тие зборови и не знам дали беа правилни, ама кога стануваше збор за неа, секогаш се мачев да најдам вокабулар.
- Плус Манчестер му испадна од Лига Шампиони, нека си ги изеде јајцата од мака. Само убави жени и педери навиваат за него. - се надоврза Лепи.
- Ах бе... - почна Ана - Погрешно си ја протолкувал смислата на љубовта.
- Хаха. Јас? Нема шанси... како? - реков со изненадување.
- Па види... можеби него не го сакам како тебе, можеби нема ни да го сакам, ама дали се живее само од љубов? Тој е дете од добра фамилија, плус моите се знаат со неговите и сме од иста партија. Ми рекоа дека детето е океј, дека се залагало за време на изборите и му е ветена добра функција во иднина. Ти немаш амбиции како него, немаш ни планови за твојата иднина. Се што имаш се само чувствата. А нив кој ти ги бара? Никој нема утре да те сретне и да ти го побара исполнетото срце. Се што ќе бараат луѓето од тебе во иднина ќе биде само корист, и ништо друго. А со оглед што немаш никакви планови, ни амбиции и не си член на ниедна партија, тогаш ти, љубов моја, си пропадната инвестиција. Никој и ништо.
- Па јас можам да кажам дека сум... уметник. Што ќе ми е да лепам плакати и да кликам лајкови на фејсбук кога можам да седам дома и да гледам филмови и да читам книги... Кажи и Лепи што сум направил јас во 2011 година. - реков гордо, кога сфатив дека Лепи и нема баш што да каже и дека се фатив себе си во стапица... Само се помолив Лепи ако може да измисли нешто, било што.
- Епа види Ана... тој има искачено врв од 1 900 м надморска височина, летото на планинарење. Плус... изгледа 158 филма оваа година и го држи рекордот во друштвото засега... Плус... Милан му освои титула, па за еден месец ја прочита Војна и Мир, две илјади страни не се за заебанција. И башка тоа, беше прогласен за најдобар член во нашево друштво за месец јануари, март, јули и август. А тоа не е мала работа исто така. Имаше доста добра конкуренција. - заврши Лепи. Се напна додека размислуваше. Така е со луѓето кои ретко го вклучуваат мозокот.
- Не треси глупости Лепи. - се насмеа Ана. - За кој кур утре ќе му треба да ја знае Војна и Мир или да знае кој актер во кој филм играл. Од тоа ќе прави пари? Немој ти се молам, смешно е. Наместо да се зачлени во некоја партија или организација, тој се однесува како мало дете. Со цело ваше друштво, извини вака... Се што знаете е само да пиете кафе денски и навечер да гледате фудбал. Сто пати го премолив да се зачлени во AIESEC барем, или било која организација, тој не сакаше.
- Па како да се зачленам таму? Мене сите тие организации ми личат на секти.
- Ете гледаш зошто никогаш нема да успееш во животот? - ме праша таа и сама си одговори - Затоа што си полн со комплекси. Затоа што мразиш многу работи и многу луѓе. Мојот бил таков... неговиот тим бил онаков... А погледни се ти на што личиш. И кој филм го гледаше за да цепидлачиш вака? Те сакам, те ценам, ама реалноста е друга, мил мој. Подобро почни да агитираш за некоја партија во блиска иднина. Да правиш нешто, било што. Макар и пишувај партиски статуси на фејсбук полни со критики и омраза, еден ден ќе ти се исплати.
- Па јас се водам според Џон Ленон, знаеш... според она "Животот ти се случува додека си зафатен правејќи планови за него".
- Според кој? - ме праша Ана цинично.
- Според куров мој ебате. И јас кај дојдов овде. - се изнервирав. Можеби поради тоа што таа не знаеше кој е Ленон и можеби поради фактот дека и покрај тоа, ја сакав. Се налути и си замина.
Јас и Лепиот заминавме. Со наведнати глави. Поразени, засекогаш. Во сите битки. За паметниот човек секоја војна е изгубена... така рекол мојот идол некогаш. И љубовта, за жал, беше војна. Барем за мене.
Ама морам да признам дека ми се свиѓаше начинот на кој Лепиот ме "одбрани". На крајот испадна дека повеќе ме закопа. Ама морам да признам и дека ми се свиѓаше делот за Манчестер Јунајтед. Го сакав поради тоа. И тој беше целиот искомплексиран, баш како мене... И тогаш сфатив дека затоа и се дружиме. И затоа ќе останиме цел живот заедно. Си ветивме дека никогаш нема да потпаднеме под некакви идеали колку само за да фатиме поголема риба.
Доволно беше тоа што не го читавме Ниче, затоа што татко ми отсекогаш ни велеше "Кој го читал Ниче не фатил пиче". Се останато за нас би било луксуз.
Сфатив дека сепак љубовта што ја прикажаа во Викер Парк е перење мозок. Ама ми се допадна. Сакав клишеа.
Кога се вратив дома ја пуштив последната сцена на јутуб, сцената во која беше The Scientist....