Спасе
Спасе не беше како другите.
Спасе беше посебен.
Кога беше мал, Спасе си играше со барбики. За Спасе беше имбецилно и варварски да вози камиончиња по прашината на улица и да пушта ливчиња по реката и да ги брка. Не сакаше да игра горенка и дефинитивно не беше љубител на пупенка. Спасе воопшто не разбираше каква е таа мотивација кај неговите врсници свесно да се валкаат и да се повредуваат и, како воопшто, наоѓаат забава во тоа. Неговото царство беше во неговиот дом, со неговите играчки, сликовници, боенки и албуми со сликички во кои ја наоѓаше целата сатисфакција на неговиот одвај пост-инфантен живот.
Кога Спасе порасна, стана свесен дека неговата егзистенција не може и понатаму да се сведе на јадење бисквити со млеко и правење мали сапунски приказни со неговите играчки. Веќе беше петто оделение и животот не беше така едноставен како порано. Бекстрит Бојс и Спајс Грлс се распаднаа. Брајан и Мелани сакале соло кариери. Колку и да беше Спасе уништен, сепак имаше сила да ги утеши неговите уплакани другарки дека не е тоа крајот оти не се они скроени за соло кариери, па кога ќе пропаднат, ќе се освестат и ќе се вратат во стадото. Знаеше Спасе многу добро дека никогаш не излегуваат работите така, па наместо да живее во надеж, реши да батали и да ги земе работите во свои раце.
И учеше.
И учеше.
И учеше Спасе од сите петки во основно и средно, преку најдобра матура во генерација, до десет-нула-нула просек во прва и втора година на правен.
Спасе имаше дваесет и една година, живееше и студираше во Скопје и во животот имаше поминато многу.....книги. Истиот тој Спасе, кој во прва година го гледаа како чудак и отпадник, сега беше почитуваниот и импозантен Спасе, беше “десет-нула-нула Спасе”. Беше Спасе на кој му се јаде зборот. Изгради неверојатно реноме во непозната средина меѓу луѓе за кои не ни сонувал дека би сакале да му бидат пријатели.
Наеднаш и девојките на неговиот факултет почнаа да се интересираат за него. Додека си седеше Спасе на скалите на факултетот, еден негов колега, Тале, седна до него. “Спасе пеер, ти си малку забеган. Како може мирен да седиш кога сите пички тука можеш да ги изебеш”.
Спасе поцрвене.
“Не, чоек. Стварно. Се палат на такви као тебе, интелектуалци. Еве, оваа Лили ја знаеш? Уствари, ја знаеш бе”.
Вистина беше. Спасе ја познаваше Лили. Малку бесна и ексцесивна за негов вкус, ама кон него секогаш фина и пријатна. Еднаш и кафе пиеше за нејзин атер. Спасе, инаку, никако не пиеше кафе.
“Таа Лили пеер, малку и фали да фане да ти см’кне тоа пантолончињата и да ти го испуши тука на скаливе. Без раци”.
Спасе инстинктивно стана да си оди. Со забрзан чекор ги симнуваше скалите. Тале му довикнуваше нешто како “еби Спасо, еби”, но Спасе не го слушаше веќе.
Додека чекаше автобус, се обиде да се смири. Знаеше дека Тале е орангутан и секогаш се користи со пцости и валкани шеги за да надокнади на неговата неукост со дрскост и порнографска симболика. Спасе никогаш не размислувал на тој начин за девојките. Никогаш така вулгарно и шовинистички. Освен тоа, Спасе знаеше дека не е толку неук за тие работи како што Тале мисли. Тале сигурно мислел дека Спасе не е бакнуван од девојки. Ама Спасе многу девојки го бакнуваа во животот, па Тале колку сака нека персира така навредливо.
И зошто такви инсинуации за Лили? Таа му беше пријателка на Спасе. Тој никогаш не ја гледал така. А и Лили никогаш не сакала со него ништо, беше сигурен во тоа. Па Лили имаше многу дечковци пред него, знаеше многу повеќе од него за тие работи, имаше многу пријатели во Скопје и многу малку слободно време. И да сакаше Спасе нешто со Лили, а беше сигурен дека не сака, знаеше дека таа ќе го одбие. Колку пати досега го викала кај нејзе во стан, колку пати го гушкала....колку пати го терала да пие алкохол и да се опиваат заедно(Спасе секогаш ја одбиваше(освен тогаш кога испи едно кафе со неа иако не пиеше кафе)) и колку пати го банувала во образ, а никогаш така, за да му стане девојка, во уста.
“Глупав. Глупав и игнорантен Тале”- триумфално заврши со контемплацијата Спасе и се качи во авотобус.
На кобниот ден, инаку Сабота, Спасе се разбуди во седум часот наутро. Се изми лице и заби и се начешла. Го среди креветот и се облече. Во дванаесет часот имаше договорено чај со неговите пријатели Тасе и Мики, па сакаше со време да се среди, за да не се брза и да не го чекаат. Тасе и Мики беа студенти на електро. На Спасе карактерно најмногу му одговараа луѓето од тој факултет, особено Тасе и Мики. Културни, воспитани, амбициозни и образовани луѓе со вистински концепт за животот.
Не му се готвеше. Купи гиро минатата вечер, па тоа појадуваше. Инаку Спасе не јадеше гиро, ама Лили го натера да излезат минатата вечер, па пропратно го натера и тој да купи гиро, па предложи тоа да вечераат кај нејзе во стан оти била сама и ќе било забавно. Спасе не можеше. Беше дваесет и два часот, а имаше договорено наредниот ден со Мики и Тасе.
Додека пешачеше кон кеј, Спасе размислуваше за недореченостите во законот за имот и други стварни права, за принципот на уни-етнос држава по кој е пишуван нашиот Устав и последичностите од таквиот негов формат, за тоа зошто Лили, која имаше така големи гради, секогаш носи фустанчиња кои и ги стегаат и креваат нагоре градите, па тоа и прави да се чувствува некомотно во тоа што го носи, за тоа дали подобро му е да специјализира цивилистика или да се проба со криминалистика....
Нарача чај од камилица. Нешто не му беше во ред со стомакот. Не беше навикнат на така тешка храна, па лошо му одеше со варењето на гирото. Тасе и Мики спроти него разговараа за иднината на роботиката во нашата држава кога Спасе, без да сака, силно испушти гас.
Знаеше Спасе дека ако остане уште малку, Тасе и Мики ќе се посомневаат дека тој испуштил гас и веќе никогаш нема да го гледаат со почит, па брзо стана, се извини и се упати кон тоалетот. На половина пат кон тоалетот веќе многу го стегна стомакот, па побрза малку. Тоалетот беше голем и имаше машки и женски оддел и заеднички простор за миење и сушење раце. Спасе се турна во празната кабина од машкиот оддел и брзо ги соблече панталоните. Кога седна на ВЦ-шољата и запна, слушна надвор женски глас. Знаеше Спасе дека ако се опушти, ќе биде гласен и му стана незгодно да не биде слушнат од девојката.
Таа најверојатно разговараше на мобилен затоа што не се слушаше друг глас.
А Спасе стискаше. И покрај целата агресија со која гирото сакаше да излезе од неговиот организам, Спасе не сакаше да се осрамоти пред оваа непозната девојка. Спасе пред никој, познат или непознат, се немаше посрамотено. Затоа стискаше. Пет минути. Почна да се поти и да гребе по плочките. Девојката никако не завршуваше со разговорот. Спасе цел поцрвене. Девојката почна да се смешка нешто, сигурно добила комплимент од нејзиното момче. Спасе се удираше со тупаници по нозете, стискаше заби и се потеше обилно. Девојката никако да заврши.
Спасе го стегна срцето.
Наеднаш вдиши силно од болка, десната рака почна да му се вкочанува и Спасе не можеше повеќе, па фати да сере и прди многу гласно и неконтролирано.
Надвор девојката врисна и се слушна тресок од врата. Спасе падна од шољата.
Срцето никако не го попушташе. Одвај успеа да стане. Веднаш, по инстинкт, тргна кон вратата за да викне по помош. Почна да му се мати пред очи и да се тресе.
Наеднаш се заврти и ја погледна шољата. Неможеше да дозволи ваков да го видат.
Пушти вода и со левата рака ја зема четката и ги дочисти остатоците од неговото гиро.
Доби уште еден удар.
Падна на колена.
Веќе одвај дишеше. Нешто бело почна да му тече од устата. Брзо извади марамче од џебот и се избриша. Спасе, инаку, не беше левучар.
Помисли дека ако вика помош, неможе тоа да го прави така гол, со спуштени панталони. Неможе заради момент на слабост да си компромитира еден цел живот на себеизградба. Полека се лизгаше по ѕидот за да се исправи. Со раката која сеуште му функционираше ги придржуваше панталоните додека се лизгаше нагоре-надоле за да успее да ги навре. И му успеа. Колку и да беше во очајна по неговиот живот ситуацијата, Спасе беше горд на себе. Нема да го...најдат во лоша поза. Нема таков да го видат Тасе и Мики.
Се обиде да викне, но гласот како да му беше земен. Кога увиде дека нема да наиде никој ако тој не направи нешто, се обиде да се придвижи кон вратата. Уште на вториот чекор, нозете го изневерија, се спрепна и падна со главата во ВЦ-шољата. Во истиот миг посегна со раката за да се фати на нешто и да се извлече. Се фати за конецот од казанчето. Почна да се гуши и дави, цела сила екскомуницирана од неговото тело, беспомошен додека водата безмилосно му ги полнеше ноздрите. Со последниот здив, со последните сили, со последнот чин на илуминација и спознание, неодвоив од самиот чин на смртта, Спасе собра сили и го испушти последниот крик
“ЛИгргргргргргргрЛИИИИИИИИИИгргргргргргбрбрбргрбр!”
Спасе не беше како другите.
Спасе беше посебен.