„Трето полувреме“ (2012)
http://www.imdb.com/title/tt2069100/
Режија: Дарко Митревски
Улоги: Сашко Коцев, Катарина Ивановска, Раде Шербеџија, Рихард Самел, Емил Рубен, Тони Михајловски, Ѕвездана Ангеловска, Владо Јовановски, Салаетин Билал, Петре Арсовски.
Трето полувреме е филм за фудбалскиот клуб „Македонија“, формиран во време на предворјето на Втората светска војна, во Скопје, во тогашното Кралство Југославија, чија што судбина се испреплетува со судбината на играчите, средината и времето во кое што живеат.
Од друга страна, тоа е филм и за младата љубов меѓу Ребека, привлечна еврејка од отмено и богато семејство, и Коста, локалниот „скопски фраер“, напаѓач во ФК „Македонија“, човек без некоја особена замисла за животот и својата иднина. Нивната љубов, која претставува судир меѓу два света, оној традиционалниот на Дон Рафаел и средината, и оној некоординираниот – нивниот. Кој ќе се распадне?
И од трета страна, тоа е филм, за прускиот напаѓач, подоцна тренер, од еврејско потекло Рудолф Шпиц, кој бегајќи од неприликите што тогаш ја зафаќаат „цивилизирана“ Европа на почетокот од Втората светска војна, доаѓа во „нецивилизирано“ Скопје, по повик на сопственикот на ФК „Македонија“, да му помогне на клубот и да биде нивен тренер.
Филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски е тенденциозен филм. Зад себе носи богата и испреплетена приказна, широк спектар на ликови со динамични судбини и разиграност на кадри од сцена во сцена.
На прв поглед, се чини дека самата приказна е празна и недоволна, за чудо дури и преоѓа во една едноставност, која го прави филмот далеку под очекувањата на побликата, за потоа да го забрза темпото и добие една нова, похаотична динамика.
Со оглед да филмот и не нуди некоја посебна динамика на дејствија, испреплетеноста на ликовите, и нивното брановидно дејствување, го прави филмот на моменти нецелосно обработен и некомпактен. Таков е на пример односот меѓу Ребека и Коста, со оглед да Коста е лик што бара, но не добива доволен фид-бек од Ребека. Тоа се предвидува, но самиот лик на Ребека, иако има намерна тенденција да се развие во симбол, каков што е опишан погоре, сепак како да е ставен во несфатливо спореден план. Ваквиот пропсуст не е во актерката т.е. фото-моделот Катарина Ивановска, со оглед на нејзините реални под-просечни актерски способности, туку во кратењето на насоката на развој насамиот лик Ребека што режисерот/сценаристот ја дава во филмот. Се чини дека режисерот е свесен за актерските способности на фото-моделот, па истото го причинил со цел да го оправда присуството на фото-моделот, за сметка на актерското во неа. Тоа најдобро се гледа во љубовната сцена меѓу Коста и Ребека на езерото, наместо режисерот да ја пружи фото-моделката како актер со алтер-егото што се бара, тој го нуди само нејзиното примарно – манекенството.
Од друга страна, тука е фантастичниот Рихард Самел, во улога на Рудолф Шпиц, кој одлично се снаоѓа во својата улога, но проблемот лежи во компакноста и конотацијата на неговиот лик во склоп на приказната т.е. приказните што режисерот се обидува да ги прикаже. Така, наместо да се најде врзлива точка помеѓу хаосот од приказни, истите се оставени хаотично да течат. Несфатливо е дали главната идеја на филмот била да прикаже приказна за фудбалот и љубовта кон него, приказна за евреите во Македонија, приказна за еден човек, евреин, кој во време на премрежјата на Втората светска војна станува тренер на фудбалски клуб во окупирана земја во време на прогон на евреи, дали се работи за судир меѓу конзервативното и динамичното, или пак раскажува едноставна љубовна приказна.
Филмот ги содржи сите нешта, но тоа е и неговиот најголем хендикеп – немање на врзлива точка за сите тие приказни.
Како и да е, ова филмско остварување, и покрај тоа што е под очекувањата, сепак отстапува од се што досега е направено во македонската филмографија. Со други зборови, Р.Македонија го доби својот прв, секојдневен, просечен семеен холивудски спектакл.
П.С. Оригиналниот текст е многу подолг, намерно е прекратен поради спојлери (вака истоте се сведени на минимум), но истовремено, намерно не е ставен во темата за „Трето полувреме“, заради првичната замисла и концепција на текстот..