Beasts of the Southern Wild
Филмот раскажува за една заедница која е на работ на општеството. Главниот лик е Хашпапи, 6-годишно девојче кое живее со татко и` во едно сиромашно место наречено Bathtub, јужна Америка. Отсечени од современото општество, тие водат битка за опстанок секојдневно, но секојдневно и го слават животот. Кога татко и` ќе се разболи, Хашпапи започнува да го учи занаетот на животот и да си ја крои сопствената судбина.
Ваквата приказна ја гледаме низ очите на едно мало девојче, па оттука и елементите на фантазија. Очигледно темата на филмот е човековата битка за преживување, која е универзална и која може да се случи на места каде најмалку очекуваме. Силата, љубовта, истрајноста се особините кои се неопходни за ваквата битка. На жителите на Bathtub не им пречи ваквата битка да ја водат во депонија. Тоа за нив претставува утопија, а напредната цивилизација не ја сакаат бидејќи таму живеат „лошите чичковци“.
Главниот проблем на Beasts of the Southern Wild е што жонглира со многу работи истовремено, без целосно да се посвети на барем една од нив. Режисерот се занимава со теми кои се интересни, но сето тоа го прави на еден несмасен, неуверлив начин. Глобално затоплување, политика, сиромаштија, семејство, елементарни непогоди, сето тоа зачинето со претенциозни елементи на фантазија од кои нема потреба.
Друга маана на филмот е што на крај остава премногу необјаснети елементи, а улогата на толкувач му ја препушта на гледачот. Најчесто немам проблем со ваквите работи, но, ако некој филм сака гледачот да продолжи да размислува и откако ќе заврши, треба да му даде соодветна подлога која ќе го заинтересира. Во овој случај, сите симболи, метафори, хиперболи, не само што не ме заинтересираа, туку ме изнервираа.
Исто многу ми пречеше нарацијата. Премногу возрасна и поетична за едно 6-годишно девојче без никакво образование. Дополнителен проблем претставуваат сцените и кадрите, кои како да произлегуваат од домашно видео. Претпоставувам дека филмот е нискобуџетен, но тоа не мора да значи дека камерманот треба да игра макарена дури снима.
Ликовите се посебна приказна во целата збрка. Знам дека требаше да сочувствувам со нив, ама не можев бидејќи никој не се помачи да ги објасни нивните нелогични постапки, нивните мотивации, задоволства и тешкотии.
Околу делот со фантазија, односно дивото говедо/ мамутот/ што и да беше тоа, е непотребно да зборувам. Исто како што се непотребни тие сцени во филмот.
За Beasts of the Southern Wild на интернет може да се прочита дека е еден од најдобрите за 2012, дека растурил по фестивалите и дека е еден од главните претенденти за Оскар. Поради тоа очекував многу, а на крај добив само бесмислено и безпотребно филозофирање. Компилација од Tree of Life и Where the Wild Things Are која не ја постигнува саканата цел.
Оцена: 3/10. Да не го величаа толку можеби ќе добиеше повеќе, а да не го гледав на кино можеби ќе добиеше помалку.