-----------------СКОПЈЕ 13 ноември 1944 година - попладне-----------
......................................Обичен Човек .................................................
-Приказна за човекот што му остана верен на својот град - докрај
----Ги извлекуваа од куќите сами и незаштитени.Тоа беше мала, тивка
колона од девет луѓе,собрани сосема случајно-од прва рака.Ако дотогаш
тие луѓе немале ништо заедничко,тој ден ги поврза за секогаш меѓу себе.
---Ги довлекоа до Камениот мост и тука ги построија еден до друг, со
лицето свртени кон празните,црни очи на цевките.
---Фаер !
Неколку истрели еден по друг го растресоа жолтото молчење на ноември
13 ноември “44 и малата колона се свитка врз земјата,за да не се одели
од неа никогаш повеќе.
---Тешка и трајна тага остави секоја наша смрт што војната ни ја донесе.
Па сепак, оние што настрадаа во последниот час кога веќе станавме
победници, како да не заболеа најмногу,
---Скопје ги пресрете својте четитигодишни војници и им ги посла улиците
со возбуда, што под клепките предизикуваа радосници....
....А деветмината што лежеа ничкум врз плочникот кај Камениот мост,беа
се уште топли, како да заспале и како пак да ќе се кренат, за да си ја
продолжат својата секојдневната живеачка таму, во некоја крива,нерамна
скопска улица,без потреси без војни,просто - човек со човек...
...Околу нив беше глуво и мирно и ништо не го обеспокојуваше нивниот
единствен рамен сон../Само рдно залутано листе трепереше заплеткано
во ретката,бела коса на едниот од растреланите.
---Го познавате ли ?- праша човекот со пушката која се уште чадеше.
---Да - реков - го познавам...
---Бездруго бил илегалец?
---Не, не беше илегалец... стар беше тој за тоа...Обичен граѓанин..
....Чудно непријатно е да се разговара за човек, додека тој лежи неподвижен пред тебе.Но точно таквите мигови, сами по себе ќе завлечат по нишката што го соботува она повеќе,или помалку што се
знае за него.
....А овој човек,до самата војна беше најпознат артист во градот.
Многубројни скопјани го знаева накусо како “ чика Пера “. А го знаева
и тие што одеа и тие што не одеа во театар. Низа години го поврзале
стариот чика -Пера со бреговите на Вардар.Беше дојден од Србија, но
кога ќе поминеше низ скопската чаршија,се чуствуваше наполно свој,
се беше блиско и до него и во него: луѓето,и улиците и сето она добро
и лошо со кој живееше градот во кој тој го помина својот живот.
---Добро утро,чика Пера !- го поздравуваше срдечно и со почит скопската чаршија.
---Дал ти бог добро, пријателе ! - отпоздравуваше стариот артист,сега
кон овој- сега кон оној минувач.А неговото лице, кое пред кренатата завеса ја носеше на себе неброени пати драмата на македонскиот
човек, неговите столетни патила и бигори, внесуваше топло присуство
во кругот на оние со кои ќе се ставеше.
---Ако чика Пера немал никој близок таму од каде што дошол, тој од
нашиот град направи една голема фамилија во која се чуствуваше и
челад и родител истовремено.
...Сеедно дали чика Пера ќе ја ставеше на себе тешката необична
облека од далечното време на Шекспира,или пак остриот,тврд шајак
на нашите злопатени печалбари, тој и на упатениот и на неупатениот
гледач му беше еднакво нужен.Па луѓето го чуствуваа во себе ...
-..................Скопје 13 ноември 1944 година- пред Камениот мост
---Не- му велев на човекот со пушката, што уште чадеше..
---Не беше тој илегалец...обичен граѓанин...обичен човек
....А тој, стариот артист како да беше заспал врз плочникот....
и како што гледате, му остана верен на нашиот град - докрај ! ..
Се чинеше, по малку само, ќе се крене за една мирна живеачка,
без војни, просто - човек со човек.
-----------------------------------------------------------------------------------------------
Печатено во весникот “13 ноември“ , Скопје бр.3 од 1964г.
автор - Гого ивановски
-----------------------------------------------------------------------------------------------
во чест и сеќавање на артистот на стариот скопски театар
Јовановиќ Пера-стрелан од германците кај Камениот мост
на левата страна од Вардар,пред ослободувањето на градот.