Јас навистина не сум претерано упатен за севкупните состојби во здравството. Од одредени причини не сум бил во можност детално да се информиран, па нема да навлегувам во полемики. Само ќе ги наведам општите впечатоци. Каква држава - такво здравство, образование, култура и економија. Јасна поделба на привилегирани пациенти и останати кои вака или онака секако го јадат стапот. Може најпрвин тоа да се забележи по оние фамозни редови кај матичниот, кои важат за едни, а никако за други. Или низа случаи кога од банални причини, од невнимателност, од мрзливост, па и од незнаење се губат животи на непривилегирани пациенти, кои од што и да се болни, секогаш можат да причекаат. А некој од чекање, види богати, умрел.
Партизирано здравство, независно од тоа која партија не лечи во моментов. Познавам лично извесен број доктори кои по неколку годишно стажирање/волонтирање/привремен работен однос за мизерни или пак никакви пари, по стекнатото искуство, неретко во стресни и ризични ситуации оставани сами на себе од веќе вработените и со тоа осигурани колеги, не поминуваат на конкурси за вработување поради тоа што нечиј штотуку дипломиран син или ќерка без нивното искуство и знаење веднаш е вработен. Поголемиот дел од нив си ги спакуваа работите, поднаучија јазици и експресно се вработија во западно-европските држави со сосем пристојни плати за тамошните услови. Овде не биле доволно добри, ама за таму, види чудо, не било проблем во релативно краток рок да се снајдат со својата професија. Ама овде и по неколку години потење по болнициве не ги бивало. Се разбира, не сите се на престижни работни места, во најголемите градови и болници, но си го работат она за што се образовани и задоволни се.
Од друга страна, се соочуваме со недостиг на современи апарати и техника кои би требало да ги заменат отарените и нефункционални апарати стари неколку децении. Еден апарат за дијализа, така сум чул, за државата е релативно евтин (15.000-20.000 евра) па сепак имаме редици со болни бубрези на стари и малубројни апарати, од кои некои пренесуваат и одреден тип на хепатит.
Понатаму лекарите се луѓе, со свои потреби, со свои можности. Не би било во ред да плукаме илјадници од нив за корумпираност која ја има насекаде, во сите професии. Некои едноставно се чесни, човечни, работливи и совесни. Некои едноставно не се. Повеќето сепак го пополнуваат просторот меѓу двете крајности. И за плаќањето по учинок може сенешто да се каже. Разни кланови по болниците можат да заведат роднинско-пријателско-партиски монопол, оти секако ќе се најде некоја можност за злоупотреба. Потребни се постепени, но постојани и коренити реформи, а не инстант шок терапии со неизвесен резултат.