Кога не би бил Груевски...
Чудна работа! Не ги притискаат своите пријатели во Атина, туку оние во Скопје, кои им се распослаа како черга во Ирак и во Авганистан. Уште почудно, тие што од македонска страна тогаш ги бранеа интересите на државата, се согласуваат дека проблемот е тука, дома. Инсистираат ние да бидеме флексибилни кога знаат дека од новата флексибилна доза, која нé тераат сами да си ја вшприцаме, од ‘рбетници преоѓаме во безрбетници, од слободни мислечки суштества се трансферираме во бессовесна стока, што со речникот на еволуцијата е скок од милион години назад во минатото
Еден од најмаркантните македонски политичари, кој скромно вели дека е креатор на сите досегашни државни политики, деновиве изјави дека „најголемиот проблем на Македонија е Никола Груевски“. Тоа значи дека не се грчката политика и нејзините трансатлантски влијателни поддржувачи, не е ни домашната лобистичка логистика на сите нивоа и во сите јавни сфери, која радосно ни најави дека Грција конечно е согласна да го прифати „нашиот“ предлог да се прекрстиме во северни македоноиди, не се ни базното, структурно заостанато стопанство, неконкурентноста, ниското ниво на знаења, старите технологии. Не е ни демографијата со наталитет што сугерира изумирање на „видот“, енергетската зависност, нерешените, а напластени проблеми.
Па, си велам, ајде заедно да се впуштиме во симулација и да претпоставиме дека Никола Груевски го нема, да речеме дека го убиле платени убијци од Чеченија или, по една исфингирана УЧК-офанзива со десет илјади мртви, експресно го испратиле во Хаг! Дали дотичниот мисли дека „тој ќе биде мажот што ќе му соопшти на македонскиот народ дека му го смениле името?“. Мисли дека може да го стори тоа, а да не заврши на плоштадот обесен за јајца како жив споменик?! Мисли дека е изводливо по невидена медиумска кампања некој самосвесен Македонец да си го продаде идентитетот за некое евро, кое утредента ќе го исере во нужник? Го лаже ли умот дека ако изгради некое ново Пелинце, ќе стане тоа ново место за поклонение на новопроизведениот народ? На каква стабилност, просперитет и иднина се надеваат ваквите ментални склопови кога се исцртува слика на тотална девастација на една нација?
Пред да почне нова тура жесток напад од сите оружја врз Македонците и нивното самочувство, би сакала да расчистиме некои нешта. Луѓето се раѓаат како слободни суштества. Во согласност со своите убедувања, стекнати или наследени, се самоидентификуваат. Политики што го негираат, силуваат или одземаат тоа право се злосторнички, фашистички, геноцидни. САД, кои се јавуваат како покровител на таквите политики во 21 век, не се ништо друго освен наследник на белото предаторство демонстрирано низ колонизаторскиот период од Атлантикот до Пацификот.
Неговата екселенција, Филип Рикер, завчера упати јавна закана до Македонија дека ако не го искористи „златниот момент“, ќе почувствува дури и економски последици. Ако го кажа тоа јавно, можеме да замислиме што му кажува на Груевски насамо, со што се му се заканува и го плаши за да му ја најде точката на топење. Впрочем, го преживеавме тоа искуство во 2001 година, кога со олеснувачот Пердју го „испреговаравме“ октроираниот Устав, за сега со неговите имплементирани благодати повторно да ни се закануваат.
Доколку го нема Груевски, а во согласност со процената на Црвенковски, немаше да има потреба од ваков вид „елегантна“ закана. Имено, имаме практични искуства од преговарачките вештини на дотичниот господин, кој како кормилар успешно го заринкуваше бродот Македонија во сите претходни фази на деградирање на државата и народот. Да ја земеме како пример Привремената спогодба, која само во еден член ги штити македонските државни интереси, а токму тој член не се важи. Грција никој не ја притиска да го почитува членот 11 дека нема да ги попречува македонските интеграции. Спогодбата е дело на тимот на Бил Клинтон, која македонската влада кротко ја потпиша, а САД е покровител на таа спогодба. Метју Нимиц е Американец. Македонија е сојузник, па партнер ем пријател со Вашингтон. А Америка се декларира како империјална сила со нежно срце, извозник на човекови права, заштитник на мали поробени народи. Чудна работа! Не ги притискаат своите пријатели во Атина, туку оние во Скопје, кои им се распослаа како черга во Ирак и во Авганистан. Уште почудно, тие што од македонска страна тогаш ги бранеа интересите на државата, се согласуваат дека проблемот е тука, дома. Инсистираат ние да бидеме флексибилни кога знаат дека од новата флексибилна доза, која нé тераат сами да си ја вшприцаме, од ‘рбетници преоѓаме во безрбетници, од слободни мислечки суштества се трансферираме во бессовесна стока, што со речникот на еволуцијата е скок од милион години назад во минатото. Јас претпочитам при ваков „слободен избор“ тие што имаат неограничена моќ да донесат одлука во Советот за безбедност, да ги летнат авионите на НАТО и да ја пеплосаат Македонија или да ги отворат повторно европските логори на смртта, за да им се запише ним во историјата и овој „виндоу оф опортјунити“.
За крај, додека уште можеме да мислиме, треба да нé интересира зошто толку многу запнале „да нé решат“ баш сега и на ваков начин. Политиката на т.н. меѓународна заедница (САД и ЕУ) се покажа како поразително неуспешна на сите полиња. Ресурсите, вклучувајќи го и човечкиот, а со тоа и парите, се трансферирани во Азија, особено по економската криза. Моќта исто така. Во моментов таму се водат две безизгледни војни. Блискоисточната криза добива нов залет. И ЕУ е во тешка политичка, економска и социјална криза. Еврото се тетерави, списокот на банкрот-држави се продолжува, ни Лисабонскиот договор не ги затвори дилемите околу суверенитетот на земјите-членки. Поради двојните стандарди, политичкиот интегритет на Западот е тешко нарушен. НАТО минува низ криза на идентитетот, а тоа се случува со сите евроатлантски институции. Нивните политики за проширувањето на западните вредности се неуспешни. Украина и Грузија, БиХ, Косово и Србија, Турција, Кипар се дел од серијата политички порази. Во ова купче Македонија е единствениот „експеримент“ за кој владее уверување дека малку чини, а симболично многу дава. Порано тоа го викаа „монета за поткусурување“. Или е тоа, или е уште пострашното. На САД им се брза да нé средат (Балканот) за да имаат чист старт за нова војна во Азија.
Автор: Мирка Велиновска
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=32510158498&id=13&prilog=0&setIzdanie=21944