Имаме право на мислење и различност
Какви закони треба да се носат? Каде се аргументите? Каде е оправданоста? Што е корисно, а што не е корисно?
Ја видовме „дебатата“ за вметнување на сексуалната ориентација во законот за антидискриминација. И? Специјалниот статус на хомосексуалците се бранеше единствено со повикување на некои странски практики. Зарем главната аргументација станува реченицата „Така кажаа бирократите (бирократите)“(ТКБ)? Зарем „Така кажаа бирократите“ (ТКБ) треба да биде крунскиот „аргумент“? Тоа е новиот „доказ“ по кој веќе не смее да се дебатира? Сите треба да се поклониме на ТКБ? Заборавете ја демократијата и слободата на мислење. ТКБ обзнанува што треба да се прави. Нема потреба од избори, од јавност или народ. ТКБ е тука да одлучува за нас, па макар и да се самоукинеме.
Стигнува наредбата и точка. Ахтунг, ахтунг. Позор, позор. Внимание, внимание. „Обзнаната“ мора да се спроведе. Така кажаа бирократите. Бирократите наредија, Македонија ќе ќути и слуша. Прашањата не се дозволени. Не смееме да прашаме зошто Македонија не смее да донесе закони како некои земји членки на ЕУ? Зошто македонските решенија се неевропски, а ги има во законите на ЕУ членките? Македонија има право да усвои закон за недискриминација како Полска и Латвија. Бирократите служат неколку години и си одат. Граѓаните се тие кои тука треба да останат да живеат.
Искрено, ова потсетува на „Ахтунг, ахтунг“ од минатиот век. Телеграмата од Берлин мораше да се почитува. И точка. Штом се спомнеше Берлин, тука завршуваше дискусијата. Се станува во став мирно и се спроведува. Или, ова е како „Така кажа Москва“. Во источниот лагер тоа беше врховната команда. Москва наредува, Тодор Живков спроведува. Москва кажува, Хонекер постапува. Москва јавува, Естонија почитува. Москва зборува, сите ќутат. И, спроведуваат домашни задачи.
Но, тоа не е демократски. Со тоа, Македонија треба да ја сведат на обична месна заедница, а народот на раја која за ништо не одлучува. Ма, каква месна заедница?! Уште помалку. Законодавниот дом треба да биде помалку релевантен од куќен совет. Не, и тоа е многу. Треба да биде безгласна буква на која анонимни бирократи ќе им даваат домашни задачи. Народот е тука само да плаќа данок, да р’мба и да не се буни многу. Има право да гласа, но само „на линија“. Гласањето е валидно, „европско“ и демократско само ако бирократите го аминуваат. Во спротивно, тогаш следуваат напади. Секое поинакво мислење ќе се стигматизира, ќе се демонизира, а потоа ќе се релативизира.
Но, бирократите им одговараат на бирократите кои ги поставиме. Аналогно, странските парламентарци одговараат пред нивните избирачи. Но, еднакво на тоа, македонските пратеници им одговараат на македонските граѓани. Убаво е да се чујат сите совети, олеснувачи и бирократи од странство. Но, одлуките за Македонија се носат во Македонија. Наша задача е да ги претставуваме македонските граѓани и нивното мислење.
Секое општество ќе се развива или разградува според одлуките кои ги донесува. Ќе живее во просперитетот или во последиците на сопствениот избор. Во парламентот се носат одлуките затоа што тука се „среќава“ општеството. Парламентот е пресек на различните мислења, интереси и идеи. Демократски се дебатира, а потоа демократски се гласа. Значи, ако македонските граѓани решиле дека бракот е заедница исклучиво на еден маж и една жена, тогаш тоа треба да се почитува.Не треба некритички да прифаќаме се што ни се сервира. Европа не значи униформност. Некои земји се членки на Шенген зоната, но Ирска и Британија не се. Некои држави го воведоа еврото, а некои останаа со форинти, круни, злоти и фунти. Некаде ограничувањето на автопат е 110 км/ч, а некаде е 130 или без ограничување како на аутобановите во Германија. Делот за човекови права од Лисабонскиот договор го ратификуваа сите, но Полска и Британија се изземаа.
Ако сме без став, без мислење, тогаш сме само обични парамециуми со физиолошки потреби кои нема потреба нешто „да му ја мислат“. Само ќе ги исполнуваме указите на бирократите без легитимитет. Нашата интелигенција ќе ја сведеме на „паметта“ на простите едноклеточни организми. И, нема проблеми.
Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме, ќе си го одземеме правото да одлучуваме самите за себе. Ќе се препуштиме на аморфната состојба. Како мртво тело во река или езеро. Мртвите тела најлесно пловат, не даваат отпор и не размислуваат.
И, не е ова никаков евроскептицизам. Европа останува нашата дестинација, а ЕУ како наш генерациски проект. Македонија припаѓа во Европа и ќе биде членка на ЕУ. Но, да гледаме и чекор понатаму. Како сакаме да се позиционираме во самата ЕУ? Ќе си ја доделиме улогата на безгласна буква која нема мислење за ништо или ќе бидеме субјект, активен чинител кој ќе држи до своето? Јасно, мала држава сме, но тоа не треба да биде причина за сопствена самоцензура. Реал-политиката е очигледна, но и малите држави имаат свои права.
Сите сме биле во странство и сме зборувале со бирократите. Обично тоа се добри луѓе со различни мислења, кои припаѓаат на различни идеологии и светогледи. Но, има неколку претенциозни нарциси, кои мислат дека можат да даваат наредби како сакаат. Никој не сака Европа на униформност. Сите сакаат повеќе - бојна, мултикултурна Европа, со различни идентитети. Затоа, треба да се почитува различноста и уникатноста на секоја национална култура.
Не сакаме да бидеме само статисти кои немаат право на ништо. Имаме право на сопствено национално законодавство. Имаме право да донесуваме самостојни одлуки за нашата иднина. Имаме право да размислуваме, зборуваме и гласаме.
На крај, најинтересни ми беа странските писма со мудри совети како да гласаме. Тие името, името на државата не сакаат да ни го спомнат, а сакаат да ја заслужат нашата почит?! Името не сакаат да ни го напишат, а сакаат со пиетет да ги читаме?! Името не сакаат да ни го кажат, а даваат лекции за човекови права?! Слободоумни борци за човекови права, кои не сакаат ни се обратат со името кое го имаме?! Каква иронија.
23.04.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник)
Болдот е задолжително да се прочита!
незнам дали ова некаде беше постирано затоа шо не го забележав.
но вероватно имате проблем со читање на подолг текст