Без Пеџа кон Евробаскетот?
Поради едно скршено и едно напукнато ребро Предраг Самарџиски ќе мора да паузира шест-седум недели, по што е доведен под знак прашалник и неговиот настап за националниот тим во августовските квалификации за ЕП...
"Добро го познавам Пеѓа. Знам дека е голем борец и дека ќе го издржи сето ова што му се случи. А тоа значи дека ќе се врати и порано и посилен од кога било"- смета директорот на националниот тим, Врбица Стефанов.
Многу извесна е варијантата во следниот квалификациски циклус Македонија да влезе без една мошне битна карика во "системот на функционирање".
Односно, августовскиот цикоус "црвено-жолтите" да го одработат без помошта на еден од нашите најстандардни репрезентативци во последните неколку сезони.
Станува збор за Предраг Самарџиски, кој место на заслужен одмор, деновиве мораше да ги помине сите можни специјализирани установи за да го утврди степенот на повредата добиена на последниот дуел од Супер-лигата на Србија, против Хемофарм.
На таа средба, нашиот висок центар "заработил" сериозна повреда, а според првичните снимки, се работи за едно скршено и едно напукнато ребро.
"Јасно е дека ме чека долга пауза, колкава, останува да видиме во наредниот период"- констатира разочарано Самарџиски."Но сигурно е и тоа дека уште отсега сакам да кажам дека поради тоа нема да играм во квалификациите. Ќе видам како ќе се одвива целата оваа ситуација, односно заздравувањето, за што ќе го информирам и стручниот штаб на националниот тим, со кој и ќе донесеме одлука што и како. Лично сакам сето ова да трае многу помалку од лекарските предвидувања и да се вратам таму каде што сите ме очекуваат" - додава популарниот Пеџа.
Голема и пред с$ искрена поддршка за што побрзо оздравување на 24-годишниот центар на "црвено-жолтите" и на ФМП од Железник, доаѓа и од директорот на нашиот национален тим, Врбица Стефанов.
"Добро го познавам Пеѓа. Знам дека е голем борец и дека ќе го издржи сето ова што му се случи. А тоа значи дека ќе се врати и порано и посилен од кога било"- смета директорот на националниот тим."Поточно дека паузата ќе биде многу пократка од оние шест-седум седмици за кои чув во разговорот со директорот Мерџановски. Можеби ќе го немаме за оној прв дел од подготовките, но се надевам дека ќе биде со нас кога ќе ни биде најпотребно"- смета Стефанов.
Б. Радуловиќ
ЕДНА ОД РЕАЛНИТЕ ОПЦИИ Е НАЈДОБРИОТ ИГРАЧ ВО ЛИГАТА
Тони Симиќ како прва помош?
Повредата, и тоа сериозна, на Предраг Самарџиски сигурно ќе донесе "нарушување" во плановите на нашиот национален тим. Особено ако се знае дека сме и тоа како дефицитарни на таа центарска позиција.
Во овој момент стручниот штаб во центарската линија ги има на располагање, односно покрај Предраг Самарџиски ги планира(ше) и Тодор Гечевски, Перо Антиќ и Ѓорѓи Чековски, кој и не е центар.
По сето ова и, секако, очекување добри вести од Белград, јасно е дека ќе имаме голема "дупка" во ростерот, која евидентно е дека мора да биде пополнета.
Едно од оние решенија во овој момент кои "висат во воздухот" во секој случај е повик до најдобриот играч во домашниот шампионат, Тони Симиќ.
Иако и претходно имаше такви идеи во стручниот штаб, повредата на Самарџиски "предизвикува" едно вакво решение крстено како прва помош.
Зад себе Симиќ ја има веројатно и најдобрата сезона во кариерата, но бројот на годините го тера високиот центар да не размислува во правец и на репрезентативен ангажман (лани го одби повикот на селекторот Јовица Арсиќ пред стартот на подготовките).
Сепак, по оваа немила случка шансите за "враќање" на Симиќ во националниот состав стануваат и реални и издржани, макар и до оној момент во кој посакуваме Самарџиски да има успешна рехабилитација, и да се врати што е можно побрзо таму каде што и му е местото.