"Последна летна ноќ" од Ерскин Колдвел.
Почнува како лесна приказна за млада секретарица и оженет шеф, но колку понатаму се чита, толку поинакви импресии се добиваат, за на крај кулминацијата да биде оној вистински врв на сите изненадувања. Дејството од 175 страни се случува во една ноќ и на моменти знае да напне. Има паралелно раскажување, флешбекови и интересни нараторски моменти(иако сепак не успеваш да заклучиш кој е нараторот).
Како женско ова не треба да го направам, ама им ја препорачувам посебно на машките.
"Странецот" од Албер Ками.
Прв роман на Ками, единствено нешто од него што ги имам прочитано. Наратор е Мерсо, воедно и главниот лик кој раскажува за неговиот живот од смртта на мајка си до неговата смрт, всушност, смртна казна на која е осуден поради убиство кое го сторил без причина. Книгата е поделена на два дела и вкупно има само 111, но многу силни и крајно реални страници. Мерсо многу прецизно ја доловува бесмисленоста и апсурдноста на човековиот живот, не знам дали да кажам низ песимистичка или само реална перспектива, со што јас лично многу се соживеав.
"Мојата љубов Че" од Ана Менендез.
Да, Че Гевара, но не како секогаш, овојпат низ очите на вљубена жена. Тереса де ла Ландре е главниот лик, млада Кубанка во потрага по својата мајка од која единствен траг и се стихови од Пабло Неруда, сè додека еден ден не стигне пакет со писма со кои е содржана таа љубовна приказна за нејзината мајка и тогаш младиот љубовник Че Гевара...
Ја читав пред неколку години, така да, ќе додадам само дека романов е добар спој од романтична приказна, историска белешка и уште еден мал интригантен дел кој ќе ви го оставам на вас.