Ми фалиш.
Ми фалат твоите прсти во мојата коса, твојот бакнеж на око, твојот мирис, твојот шепот, твојот допир.
Ми фали твојата прегратка, толку силна што некогаш помислував дека коските ќе ми ги здробиш, но истовремено толку топла што буквално се топев во неа.
Ми фалат нашите разговори до доцна во ноќта, толку неважни, а доволно важни да ниеден од нас не сака прв да ги затвори очите.
Ми фалат моментите поминати на твоето рамо, кога ти ми ја тргаш косата од лице и дрдориш, а јас те замолкнувам со бакнеж.
Ми фали дури и твоето мрчење, љубомора, твојатата посесивност, твоите драми, испади, зборови што никогаш нема да ти ги заборавам.
Ми фали сѐ, премногу ми фали, но никогаш нема да ти кажам. Така е најдобро.
И кога ме видиш со насмевка нема да дознаеш за стиснатите заби зад неа, стиснати да не дозволат солзите да протечат низ образи. Знаеш, криво ми е што не можев да направам повеќе да се смееш. И наместо тоа, ти го уби духот во мене.
Сакам да си среќен. Многу сакам. Сакам да си ја пронајдеш својата сродна душа, па макар и да е некоја од тие што сега ги шеташ од гнев или инает. Јас очигледно не бев.
Сакам да продолжиш со животот, навистина сакам, но кога за момент помислам дека си го направил тоа, како светот да ми се руши.
Има денови кога помислам 'Готово... помина', но затоа пак ноќите се тука да ме потсетат дека никогаш нема да помине.
Но најдобро е така. Не било судено. Знам колку се нервираш кога речам така. Секогаш ми велеше дека сакам работи на готово, дека не знам да се борам за нив. Факт е дека не знам како. Како да се борам против тебе, за да те добијам тебе? Сакам ли?
Љубовта е нешто што ќе направи да расцветаш, а не да се стопиш како свеќа покрај друг, а јас се топев покрај тебе. И се исплашив. Се исплашив еден ден да не се изгубам сосема. Не ми замерувај. Те сакам.