СТИЛ: Зоран Колевски
Балканскиот шампион од Демир Хисар
Првиот билдер од Македонија што ја освои титулата шампион на Балканот во апсолутна категорија
Миодраг Мицковиќ
Кршно момче, целиот во мускули, чиниш дека телото му го обликувал некој скулптор. Од него блика одредена сила, свежина, иако изгледа скромно, срамежливо. А има и со што да се пофали Зоран Колевски, новиот балкански шампион во апсолутна категорија во бодибилдинг, титула освоена на последното првенство на Балканот што се одржа пред десетина дена во Солун, Грција.
Зоран Колевски е првиот билдер од Македонија што ја освои оваа титула и тоа во конкуренција на најдобрите билдери на Балканот, меѓу кои имаше и освојувачи на медали на европските и на светските првенства.
За кусо време почна да реди успеси и тоа без тренер, речиси самоук, почнувајќи некако рекреативно да се занимава со овој спорт во своето родно место Демир Хисар, каде што му живеат родителите, каде што го минува повеќето од своето слободно време, иако работи како приватно обезбедување во Скопје.
„
Многумина ме прашуваат што ме привлече кон бодибилдингот, желбата да имам убаво тело, многу мускули, тоа што го сакаат девојките", го започна нашиот разговор Зоран. „
Сосема случајно, по наговор на другарите. Почувствував дека имам предиспозиции за овој спорт, некако самото тело така ми е градено. Веќе шест години тренирам, најчесто сам, имам еден куп книги, реквизити потребни да се гради телото, да се обликуваат мускулите. Не е толку лесно да се нафрлат само мускулите, да се тренира. Потребна е правилна исхрана, откажување од многуте убави работи, секојдневен тренинг. Бара и време и пари. Немам спонзор, сам се снаоѓам, бодибилдингот е скап спорт. Кога велам скап, тоа се однесува на исхраната.
Какво е Вашето мени во исхраната?
- Најмногу јадам варено месо, никако пржено, особено бело пилешко месо, без кожа, многу варен ориз, компири, салати, овошје и жито. Сето тоа чини пари. Пијам и многу сокови, природни, никако газирани.
Слушнавме дека не сте се напиле ниту чашка алкохол?
- Алкохолот е смрт за мускулите, омекнуваат од него, ја губат потребната симетрија, која најмногу одлучува на натпреварите. Многу ретко пробувам скара, свинско месо. Можеби по едно парче во годината. Затоа и велам дека бодибилдингот бара многу откажување.
Колку време дневно тренирате?
- Кога се подготвувам за натпревари, по два часа. Еден час е тренинг со тегови, вториот е аеробен тренинг, трчање, возење велосипед, топење на маснотиите. Не смее да се има ниту грам сало. Практично, тренирам преку целата година, интензивно пред натпреварите.
Рековте дека со бодибилдинг се занимавате околу шест години, кој беше Вашиот прв настап и успех?
- Во 2005 година, на изненадување на сите, бидејќи не бев познат и не членував во некој клуб во Скопје, станав шампион на Македонија во категорија. Тогаш го добив и првиот пехар. Наредната година, на Балканскиот шампионат што се одржа во Чачак, ја освоив титулата балкански шампион во категорија, годинава се закитив со две титули: апсолутен првак на Македонија и апсолутен шампион на Балканот. Во Грција, на Балканското првенство, победив прво во категорија, исто како и во Чачак, не се надевав дека во конкуренција на 50 билдери од Грција, Романија, Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, јасно и од Македонија, ќе станам и апсолутен првак на Балканот. Сите седум судии ми дадоа највисоки оценки, поточно гласаа за мене. Морам да кажам дека и гледачите ми беа наклонети, особено женскиот дел. Имав ригорозни подготовки пред настапот во Солун, со недели ги топев маснотиите, судиите бараат секој мускул да биде симетричен на телото, мораш да изгледаш колку што може поубаво.
Рековте дека и женскиот дел од гледачите навиваше за Вас?
- Во летните месеци на плажата во Охрид и на скопските базени со моето развиено, мускулесто тело го привлекувам вниманието на девојките, можеби повеќе од љубопитност, не сум некој убавец.
Се' уште не сте женет?
- Рано е, нема зошто да брзам. Треба да решам некои други животни прашања, постојана работа, стан во Скопје. Не е лесно да се живее под кирија, со цимер. Немам ни постојана работа.
Работите како приватно обезбедување, дали некојпат сте биле во ситуација да ја покажете силата на Вашите мускули?
- За среќа, не, иако имало и жешки ситуации, со доста провоцирања. Одбегнувам да се силам, нема потреба од тоа, убавите зборови се посилни од силата.
Билдерите доста користат и витамински препарати?
- Тие се неопходни да се одржува формата на телото заедно со јаглеродните хидрати. На нив ги трошам сите пари, реков и ќе повторам, тешко оди без спонзори. Бодибилдингот не е спорт за да ги покажуваш само своите мускули, тоа е здрав спорт, добар за здравјето, секој може рекреативно да го практикува. Го освежува телото. Кога почнав да вежбам, не бев олку развиен. Но, полека, полека, се' си дојде на свое место. Признавам, сакав да имам убаво тело кога ги гледав светските билдери на фотографиите во многуте списанија што ги имам.
Задоволни ли сте од изгледот на Вашето тело?
- Да, и од телото и од освоените титули, особено како самоук, иако често тренирам во Скопје, во клубот „
Анастасија“. Сега веќе ме познаваат, полесно ми е. Но, не живеам постојано во Скопје, растргнат сум на релација Скопје -Демир Хисар.
Во Бодибилдинг-федерацијата на Македонија дознавме дека ве планираат за настап на европското и на светското првенство?
- Ако се најдат средства, ќе учествувам. Верувам дека нема да разочарам. Македонија, не сметајќи ме мене, има одлични билдери, овој спорт од ден на ден го добива своето место во спортските асоцијации. И заслужува поголемо внимание. Не сме тепачи, како што некој знае да каже, пред се', сме спортисти.
Рековте, потребен е спонзор за поголеми резултати. Колку пари се тоа годишно за еден билдер.
- Не знам за другите, мислам дека околу 5.000 евра годишно, сите пари би оделе на исхрана, а Македонија би можела да добие и европски шампион. Вака, сам, тешко оди, морам да го признаам тоа. Парите што ги добивам од мојата работа како приватно обезбедување не стигнуваат ако не е помошта од родителите.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=35E8C8C206F6D64E8B81B1FF208FB323http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=35E8C8C206F6D64E8B81B1FF208FB323Извор, Утрински Весник