Runaway Jury (2003)
Веќе гледан филм, изгледан уште еднаш, што ич не е тешко, кога ти е филмот добар.
Преку динамично монтирани кратки резови, низ одржувано бритко темпо, режисерот ни дава малку поинаква перспектива, од онаа на која сме навикнале во ваквите правнички трилер/драми. Имено, фокусот не е на самиот судски процес, туку на можностите за манипулација со поротниците и нивното ефектуирање со помош на методи од најширок (правен и морално-етички) спектар: уцени, стап и морков, закани, присила, умилкување...
Угледниот њујоршки адвокат Финч (Хекман) е во центарот на овој вртлог, како двигател, а на површина како адвокат на одбраната. Тој е изнајмен од
оружарското лоби, засегнато од можните идни правни реперкусии* што ќе им ги донесе евентуалниот пораз во случајот, вложува во махинациите на Финч, кој тврди дека ќе им овозможи победа.
Го избркале некого од работа и он се надркал, дошол у фирма, па ги испотепал. После судскиот спор во кој е осуден, се води друг спор у кој вдовицата на убиен, ги тужи оружарските фирми, за 110 милиони. Демек они се криви оти оружјето му било лесно достапно, или нешто слично. Јас лично не сум баш сигурен дека оружарските фирми се виновни само затоа што нивното оружје е достапно. Ако е така, тогаш и алкохолното лоби, а и тутунското исто би требало на тапет да бидат. Од нив далеку повеќе жртви има годишно, поточно, од достапноста на нивните производи. A всушност, во книгата на Гришам, според која е правен филмот, станува збор за жена која го тужи тутунското лоби за смртта на својот маж (пушач кој од тоа и починал). Како и да е, не сум sold баш на ставот дека треба да одговараат заради тоа што нивните производи се продаваат, па некој ги купува и поради лично нерационално поведение ги злоупотребува.
Оружарите годишно заработуваат по 2 милијарди и овие 110 милиони уопште не им се проблем. Проблем е преседанот како стожер на судството во САД и идните реперкусии по бизнисот на оружарите, во идни спорови. Затоа тие на Финч ќе му дадат милиони, за кои тој им гарантира победа, односно пресуда на поротниците во нивна корист. Вонсудскиот договор исто така не доаѓа в предвид, бидејќи другата страна тоа не го сака, баш заради гореспомената причина - да биде преседан кој ќе влије врз идни вакви случаи.
Носителот на обвинението е лабав јужњачки адвокат, со пријатели во Вашингтон, баш од анти-оружарското лоби, од лобито против достапноста на оружјето. Стандардно добро одглумен од страна на Хофман, Рор е малку нетипичен јужњак – лабав, народен човек, кој сепак е прав како меч, што би рекол еден писател за морално-етичките чистотници.
Она што го приметив, а се однесува на креацијата на ликовите, е инсистирањето на авторот да не важат утврдените премиси и шаблони, околу политичката ориентација на субјектите. Да не може некој да каже – е вакви срања прават Републиканците, или – вакви срања прават демократите. Затоа Рор е јужњак, но е лабав, либерален, народен човек, а Финч е северњак, кој е конзервативен, стегнат. Малку обратно од јавниот наратив. Исто така, Финч, во еден момент зборува за демократите и вели: – Ги мразам демократите скоро исто колку баптистите. Со оваа денунција тој сведочи за себе си како неполаризирано зло, без идеолошка заднина, кое живее на раат во општеството во кое вистинските ороводци не се законите, а дури ни идеологијата, туку парите.
Намерно не изложувам добар дел од филмот и приказната, за да можат да го изгледаат филмот, оние кои ги интересира.
Видни глумци**, обвиткани со одлично сценарио, а сето тоа водено од исто таква режија и посебно умешна монтажа. Вреди да се гледа. 8.5/10
Единствена замерка е реалистичноста на настаните. Во реалноста такво ниво на (нелегална) манипулација со поротата, чинам дека е невозможно да не се примети, ниту некој се обидува тоа да го прави до тој степен.
* - кај американскиот правен систем, кој како што ни е познато, се базира на резолуции од минати случаи
** - едни од најдобро одглумените нивни улоги, а веројатно најдобро одглумена улога на Р. Вајс, што сум ја гледал до сега