ДК,
Завчера вечер, идејќи од работа, на Рекорд во 22 се качи една женичка, така, накај 50, 60 години. Ми падна во очи веднаш зашто влезе на средна врата, без да ја куцне картата, си седна и отпосле му ја даде картата на еден чичко што застана до нејзе, да појде да ѝ ја куцне. Само што тргна автобусот, почна да се распрашува по патниците дали автобусот одел накај Волково, каде е игралиштето Бранители, кај да се симнела... И некаде на пола пат виде една спортска сала, и иако сите ѝ кажуваа да седи, дека рано е, има уште време до Волково, срипа ко попарена, исплашена дека го испуштила игралиштето Бранители. Кога цел автобус и кажа дека не е тоа игралиштето, се премести, и седна пред мене. Ја викнав и и кажав да не се грижи, на станицата кај што ќе се симнам јас да се симне и она, и ќе и покажам после каде е игралиштето.
Стигнавме до станицата, се симнавме двајцата, и ја одведов до уличката, и реков да оди нагоре по угорницата, на некои 300 метри од тука, ќе го види игралиштето, осветлено. Почна да паничи да не имало кучиња, да не ја изеделе. И викам - не, нема нагоре сигурно, да не се плаши, ја оставив на почетокот од уличката и влегов во продавница.
По 10-тина минути излегувам од продавничката, и ја гледам женичкава, на истото место кај што ја оставив, се вртка, се тртка, де нагоре, де надолу. Ајде, викам, греота е, ќе појдам, ќе ја одведам (иако игралиштето е на сосема спротивната страна од мојата куќа). И одиме нагоре. Ја прашав каде точно треба да оди, ми рече дека имало некоја куќа кај што Харе Кришна правеле некои обреди. ОК, викам, ајде, што има врска, секој си има сопствени убедувања, ќе ја одведам до горе, па ќе се вратам. По само 2 минути, пак ја почна темата за кучињата. Застана. Вика: јас ќе се вратам. Ама и викам: какво враќање, до тука сте дошле од Центар, сега ќе се враќате. Ми вика: па како ќе се симнам јас после надолу. Па викам: надолу лесно е, нагоре е потешко да се искачиме (пошто кажа дека е астматичар и не може да брза многу). Да, вика, ама ако ме нападнат кучињата?

И велам: ама нема кучиња, еве, гледате, ни едно не сретнавме. Само што реков така, едно, врзано, во бокс,во куќа веднаш до улицата почна да лае. Женава почна: леле, леле, леле, не изеде! Ете, гледаш дека има кучиња, јас се враќам. И си тргна назад. И викам: госпоѓо, вратете се, не се плашете, во бокс е, нема кучиња скитници навака. И ајде ја убедив пак некако, тргна. И патот е навистина стрмен, особено пред крајот, баш пред игралиштето има една голема угорница. Кога ја виде угорницата, пак застана и сакаше да се врати. Леле, си помислив, што мака ме снајде со женава. И викам, ајде, ќе одмориме малце, уште 5 чекори има и таму сме. И постојавме, одмори малку, и сама тргна. Се искачивме по угорницата до игралиштето, праша едно девојче каде е Харе Кришна, и кажа дека е во жолта куќа, а видов и јас на Google Maps каде е, ја одведов до почетокот на уличката од кај што се гледаше куќата, и ја оставив. Пак прокоментира нешто дека ќе ја нападнеле кучиња, а куќата, само 2 куќи потаму, немаше ни 30 чекори. Ама веќе ме измори психички и си викам: не ја водам до вратата, па што сака нека биде.
Си тргнав назад, со ептен mixed feelings. Ми беше и смешно за целата ситуација, и се лутев на себеси што по тоа ладно време (нели и снег имаше паднато претходната вечер) јас акав во спротивна страна, место да си одам дома, на топло, демек да направам добрина, а ни едно „фала“ не добив, и плус се изнервирав зошто понекогаш сум толку глупав и наивен. Ама сепак ми беше убаво на душа. Понекогаш не треба да ти кажат „фала“ за да знаеш дека си постапил исправно и да се почувствуваш убаво.