Се сеќавам дека некаде 2013-та или 14-та година, Џими во некоја преписка дали тука во порака или на фејсбук, ми ја препорача Семејството на Паскуал Дуарте од Камило Села. Беше зимно време, надвор имаше поприлично доста снег, а богами и студ. Ми беше прекурчено да учам нешто право, па така едвај собрав храброст и претрчав по студот до библиотека, од каде ја зедов книгата. Знам само дека тој ден го преседив пред камин и ја прочитав цела, бидејќи не е многу голема. Ремек дело, си реков во себе, а кога прочитав дека истата ја напишал на свои 26 години, уште толку се поврзав со стилот и умот на Камило Села.
Се сеќавам дека веќе истата година во летото, додека шеткав низ Охридон, појдов кај типчето што продава книги и видов дека ја имаше „Мазурка за двајца мртовци" и „Улиште" од истиот автор, но бидејќи сакав да купам различни дела, потрошив некои 1000 денари, за после долго размислување да ја одберам Мазурка пред Улиште. Кога ја прочитав си карав во мене веќе подолг период, зошто не ја зедов и Улиште, наместо некои филозофии од Магор кои сега лесно се наоѓаат по книжарнициве, а кога се скарав со минатата женска, си карав и дека вкупно од тие 2000 и кусур денари кој во тој миг ги имав во мене, можеби требаше сите да ги потрошам на книги, а не со остатокот да јадеме пица и пиеме кафе. И онака веќе одамна не ми се некако битни тие поранешни, љубовни мигови.
Од тогаш речиси 6 години, во секоја книжарница надвор од Прилеп во која сум бил, прво нешто што сум прашувал е дали ја имаат Улиште од Камило Села, пришто продавачите ме гледале со чудење, чунки никогаш не чуле за таа книга. Сум прашувал во Битола, во Охрид, во Скопје...сум ја барал по антикварници, во оние мали трафики во Скопје од дрво каде се продаваат стари книги и секаде тоа било без успех. Се помирив дека никогаш нема да ја најдам книгата и дека тоа е тоа, ќе читам нешто друго.
И така пред 3 дена влегувам во рандом група на фејсбук, каде се разменуваат/продаваат книги, и без никакво очекување пишувам ради реда, дали некој ја има книгата Улиште од Села? По неколку часа, читам во порака, некој тип од Скопје, ми пушта слика, вели јас ја имам и ја продавам.
Ја пушти по карго. Денес бев и ја зедов. Не знам од кога вака не сум се израдувал. Некои соништа се остваруваат via Internet Explorer.