Само што се враќам од местово, онака ме остави без зборови па едвај се мислам што да напишам тука. Е сега, на што се должи она замолчување што ми го направи?
Дефитивно не на интериерот, трите спратови, подвижните скали, плочките, изгледот на продавниците...
Највеќе мојата разочараност доаѓа од тоа што долго време го очекував овој шопинг центар со желба дека ќе најдам нешто соодветно за мојот џеб, воедно и квалитетно за да можам еве да си дозволам едни фармерки, маица, блуза, џемпер, јакна или било кој друг тип на облека. Цел ден на факултет, од 8 до 5 каде што цело време мислев на она што може да е понудено внатре. Си велам конечно ќе се подновам.
Имало, Зара, Пул&Бер, и што ти јас знам. Онака си мислам дека се нешто како Теранова/Калиопе али со попристапни цени. Влегувам внатре има што да видам. Џемпери над 3000, блузи над 1000, маици над 700/800, капути над 6000, а најинтересно е тоа што беше една од поефтините продавници. Друга работа, дали сте знаеле дека еврото во Македонија чини 79 денари? - Го видов и тој феномен. Влегов во една од поелитните продавници ако може така да се опишат и видов едни кондури на кои имаше налепница внатре и чинеа 99 евра, за да ги свртам одоздолу од ја видам цената од 7990 денари. Луѓето вработени таму беа упорни во тоа дека имало попуст, јас пак се мислам каков попуст човече они те дерат колку што можат. Сега мемето од 9гаг со тие научниците што продаваат со “попуст“ ми станува уште поуверливо.
Иначе гледајќи ги цениве и ветувањата од Груевски дека Македонија конечно ќе добие центар во кои ќе бидеме помодерни и ќе ги следиме светските трендови, ми дојде една смеа. Смеа на мојот џеб од кој треба да извадам пари и да купувам од таму. Исто така не ќе морало да одиме во другите земји да пазаруваме бидејќи ги донеле тие брендови и тука. А попустот ќе го донесете некогаш или тешка работа?
Да резимирам. Уште една работа направено само за жителите на Македонија со подлабок џеб. Нека им е со среќа и со здравје, да си ги трошат “тешко“ заработените пари. Ние обичните жители ќе се снајдеме некако, ќе шиеме стара облека кога ќе се скине, ќе одиме на ефтин кројач, ќе пазаруваме од Шутка, боље него икад. Впрочем бетер сме од лебарки кога станува збор за преживувањето.