Јас знам кој беше мојот Дедо Мраз! Знам, зашто ми оставил една порака на која ќе се навратам на крај. Во неа има нешто што само двајца од форумот го знаеја, а едниот од нив не пријави учество тука. Можеби ќе го познаев и да не го знаев тоа, по филмот што ми го предложи, но секако ќе имаше ронка сомнеж. Како и да е, благодарен сум што така се наместија коцките па испадна токму тој да биде мојот Secret Santa, зашто филмот кој ми го предложи најверојатно ќе останеше неизгледан уште долго, долго... Имам фолдери со неизгледани филмови по години на хард диск. Во фолдерот „2016“, еден од трите филма кој веќе 5 години стои симнат и чека да биде изгледан, беше токму овој. Не знам зошто толку долго сум чекал. Веројатно зашто повторно така се наместиле коцките и требало да го изгледам баш сега, зашто навистина ми беше потребно нешто вакво. И како да насетував дека ќе бидам обземен од толку убавини, затоа намерно не го гледав било кој ден, туку го чував за денес, на Бадник, кога не сум на работа и можам порелаксирано да влезам во филм. А филмот:
Paterson (2016)
Секое утро станувам во 5:50 часот!
Некогаш не можев да замислам дека ќе го можам тоа, но денес ми е станато таква рутина што дури и да не треба да станам толку рано, јас сум пак буден во 5:50 часот.
Преку лето можеби некој сончев зрак ќе се пробие низ завесата па така ќе ме заскокотка и натера да ги отворам очите баш во 5:50, но што ме буди толку рано во зима, не знам. Изгрејсонцата се подоцна.
Навистина ги сакам изгрејсонцата! Додека чекам на станицата, секое утро, сонцето е секогаш пред мене. Обожавам кога полека се крева над гранките на едно исушено дрво никнато во рушевините на нешто што некогаш било куќа, нечиј дом. Боите не можат да се опишат со зборови. Се обидов и да го фотографирам, да го овековечам, но миговите како да не можат да влезат во ни една фотографија. Мигот постои тогаш, и потоа цела вечност во тебе, но не може да се репродуцира на ни еден начин, затоа веќе не се ни обидувам.
Ги сакам малите нешта! Најмногу ме радува кога некому ќе му измамам насмевка или кога (најверојатно) стоплам нечие срце. Парите не можат да го направат тоа, не можат да купат таква радост. Можат само малите нешта. Затоа ги сакам! Ја сакам насмевката на ќерка ми и очите на син ми. Ги сакам нивните игри, нивната безгрижност. Некако ме враќаат назад во детството и носат некоја носталгија во мене, но не до таа мера да им завидувам што се толку безгрижни, туку само колку да ми ја исполнат душата со убавини. Среќа е да имаш таква исполнетост!
Попладне, после работа, кога се враќам кон дома низ замаглените прозорци на вториот кат од дваесет и двојката честопати уживам гледајќи го градов. Го сакам, иако не е мој! Овој град, со валканите улици, испуканиот асфалт, ѓубрето фрлено покрај контејнерите, и едно чудо народ кој постојано ита некаде ми има дадено толку многу, што не можам а да не го сакам. Огромен дел од моето срце засекогаш ќе остане тука, или барем - се додека чука. Штом стигнам дома и ги завршам секојдневните рутини кои исто така ме исполнуват седнувам или физички, или психички истрошен пред телевизор и обично пуштам некој филм или епизода од некоја серија. Навистина ги сакам филмовите (ама тоа веројатно веќе го знаете). Нивната магија внесува таква светлина во мене, што можеби не можам да ги споредам со насмевката на ќерка ми и очите на син ми (кои не можат да се споредат со ништо!!!), но дефинитивно можам да ги споредам со изгрејсонцата. Па така, филмската магија навечер ми создава впечаток како сонцето воопшто да не зашло.
Го сакам животот!
Пред неполни 4 недели „ми се расипа автобусот“.
Не е нешто без што не може „да запали“, затоа во понеделник, 10.01.2022, експерти во таа област ќе пробаат да отстранат еден дел без кој повторно ќе може да се движи, да го огреат изгрејсонцата, да помине низ градов, да „остане цел“. Не е дека не сум загрижен, но повеќе ме загрижуваат други, тривијални работи, отколку самиот „проблем“. Таков сум јас - постојано загрижен за небитни ствари: за мислењето на другите, за утрешниот ден, за се друго освен јас... Така се наоѓам себеси дека полека застранив од патот и посакувам да се вратам назад на истиот колосек по кој се движев некогаш. Затоа морам да си ветам на себеси некои мали работи кои ќе пробам да си ги исполнам
ОТКАКО се ќе помине во најдобар ред:
Ќе гледам уште многу изгрејсонца со широка насмевка овекoвечувајќи безброј мигови во мене.
Ќе уживам во уште многу насмевки на ќерка ми и во уште многу погледи на син ми.
Ќе го сакам градов уште долго, долго...
Ќе изгледам уште многу филмови,
Ќе прочитам уште многу книги,
Ќе си дадам многу повеќе време за себеси...
Ќе си купам тетратка, зашто „понекогаш празните страници нудат толку многу можности“.
После долго, долго време ќе продолжам да пишувам!
My Secret Santa... My dear Secret Santa, ти благодарам уште еднаш. И за филмов (кој навистина беше прекрасен и навистина ме потсети зошто ја сакам филмската уметност и животот), и за твојата порака, и за твоите желби. Кога јас се појавив во ова катче, ти веќе одамна „делеше подароци“ тука, па така - огромно задоволство и неизмерна среќа за мене предизвикуваат твоите зборови и ветувам дека нема да го изгубам ентузијазмот, зашто со него многу полесно е да си жив. There'll never be anybody like you, as well, you know that?