To catch a thief (1955)
Филм парцијално сниман во Монако, во режија на Хичкок, базиран на истоимената книга на Дејвид Доџ.
Полека сакам да ги заокружам подобрите, барем по рејтинг, филмови на Хичкок, и ова беше идеална прилика и овој филм да го прешкртам од листата. Филмот се врти околу Џон Руби (Кери Грант), познат како Мачката (или Мачорот), кој се прославил со кражбите за што и си ја одлежал својата казна. Денес живее мирен и повлечен живот се до моментот кога се случуваат неколку кражби (технички филмот започнува со овие кражби, и уште од самиот старт знаеме дека кулминацијата ќе се сведе со откривање на идентитетот на крадецот), каде крадецот ги применува техниките на Руби, кој станува првоосомничен на полицијата и таа започнува да го следи во трага. Меѓу тој расчекор и оној да ја расчисти сенката на сомнежот, станува своевиден детектив.
Имаше некои моменти кои не ми се допаднаа. Немаше извесна тензија, очекував повеќе сомнеж кон Руби. Како антиуметничка компонента ми е долгата сцена во колата, кога заедно со Францис (Грејс Кели) бегаат од полицијата и се упатуваат кон пикникот (оваа сцена е снимена во Мароко), позадината изгледа студиска, веројатно и е снимана во студио, изгледа многу вештачки, нема никаков фокус, прекрасната панорама требало да се искористи.
Потоа, нешто што не се приметува во црно-белите проекции, а паѓа во очи, е тенот на Кери кој е доста темен. Тоа е негов заштитен знак, може да се поклопи во сложувалката со фактот дека живее во доста топол регион. Друг интересен феномен е тоа што, во овој филм, како глумец, за кратко, се појави и самиот Хичкок во сцената со автобусот кога Руби бега од полицијата. 6