Shadow of a doubt (1943)
Интересна композиција на Хичкок, посебно околу претставувањето на атипичниот сериски убиец, каде сите карти во филмот речиси од самиот старт се отворени, знаеме која е главната протагониста, и кој е главниот антагонист. Чарли, вујкото, од една страна е доста харизматичен, а од друга страна експлозивен и таинствен. До одредена мера и арогантен. Тука е и психолошката траума на вујкото, Чарли, оставена по несреќата како дете. Карактерниот психолошки шаблон е пополнет. Интересно е нејзиното вистинско осознавање и рушењето на култот која Чарли го има кон Чарли, проследено со разочарување и страв. Така, единственото нешто кое не го знаеме е како ќе заврши филмот, а мистеријата е сведена на обидот за спроведување на Чарли пред очите на правдата.
Воедно и неумешно изградена детективска приказна која кај мене остави низа прашалници. Мојата логика се темелеше на тоа дека во државата има двајца со идентично име Чарли Оакли (со оглед на тоа дека тој во Мејн бил идентификуван по иницијалите на облеката), но ако се вратиме малку наназад мислам дека имаше реплика "не знаеме како изгледа, ниту како се вика", така таа моја логика паѓа во вода.
Потоа е и фотографирањето на Чарли, кое е доста неумешно, ама сцената е поставена за драматичност. Ако сакаат да го сликаат, тоа во секое време можат да го направат многу подискретно.
Околу глумата, мене не ми е вештачка, само на одредени сцени перфекционистичкиот пристап на Хичкок периодично спиел, како на пример сцената кога ја спасуваат внуката Чарли од гаражата. Логички е да се очекува, ако веќе не е онесвестена, потешко дишење или кашлање, а не темпо на разговор кое не би наговестило дека само пред неколку мига она била во просторија каде се борела за голтка воздух.
На плус страната, секако, е музиката.
Како целина приказната ми се допадна, ама далеку е од неговите најдобри дела. 8
Dancer in the dark (2000)
Во овој само неколку стадиуми во филмот ми оставија позитивен впечаток. Знам дека филмот е сниман без ефекти, знам дека треба да е своевидна критика, но приказната ми беше доста мека. Се темелеше околу мајчинската саможртва за своето дете, но самото дете отсуствуваше во филмот. Го имаше на неколку сцени и тоа беше се. Фалеше поголема интеракција.
Од една страна е музичката пасија, која наидува на низа здравствени препреки, од друга страна е нејзината работата која големо внимание, а во третата смена и извесна брзина, која таа не може да го приушти, а тука е и тегобата дека ако потфрли нејзиното дете може да го загуби видот.
Мислам дека морале повеќе да се потрудат околу одбраната, се беше сведено на нејзините зборови, на нејзината изјава, иако, подоцна имаше реплика за можноста за обновување на постапката поради недоволниот интерес на нејзиниот правен застапник. И тука можеби требаше да се истакне Кети, која беше нејзината сенка при справувањето со предизвиците во работата и нејзините очи при негувањето на музичката пасија.
И да, не сакам мјузикли. Ако бидам неискрен ќе кажам дека ги гледав сите, ако сум искрен, ќе кажам дека го гледав само првиот и последниот.
Камерата беше лоша. Навистна лоша. Бјорк, од друга страна, е преслатка. Со наочарите личеше на кртче. 7