Гледам многумина како главни конкуренти ги ставаат Сити и Челзи, а за Јунајтед сметаат дека ќе биде „позади“. За Челзи и јас се согласувам, но чуму толкава предност на Сити во однос на Јунајтед?
Некои викаат, Сити добиле јак тренер. Но во што е тој јак тренер појак од Мојс? Во титули? Да, ама за една, Интертото куп во 2004. Во надминување на очекувањата во просечни екипи? Па тоа го правеше и Мојс во Евертон. Пелегрини веќе имаше една неуспешна приказна во клуб кој имаше голем број на ѕвезди.
Нормално, можеби научил од таа приказна, а најверојатно тука во Сити и нема да има притисок од „горе“ во клубот при кроењето на составот, но според мене, Сити не добива апсолутно ништо повеќе од Манчини во Пелегрини. Мислам дека Сити мораше да го следи потегот на Челзи и да ја искористи пензијата на САФ доведувајќи „проверено“ име. Пелегрини е далеку од тоа.
Е да, Сити има предност пред Јунајтед во однос на играчкиот кадар. Јаки индивидуалци наспроти големиот број на „просечни“ (!?) во Јунајтед. Но таа предност ја имаа и минативе три сезони, па само во една им донесе титула и тоа во последните секунди од сезоната. Сега го нема Ферги да го вади максимумот од играчи како Смолинг и Валенсија, но можеби Мојс ќе успее во тоа, и според мене има такви предиспозиции.
Зошто? Погледнете го Евертон. Кој освен Фелаини, Бејнс и Јелавиќ ви изгледа како натпросечен играч? Мене речиси никој. Но Мојс тие просеци успеа да ги вклопи во јака целина која Евертон го направи редовен тим во горниот дел од табелата, со неколку излези и во Европа. Мислам дека Ферги особено го имал и ова во предвид бирајќи го наследникот. Секако, првата сезона ќе му биде претешка. Постои некој вид на ментален блок кај играчите сигурно. Не е лесно да свртиш нов лист без проблеми, кога пред тоа 25 години еден човек бил на тоа работно место...
Друго, ист е муабетот и со Арсенал и Ливерпул. Оти Арсенал толку понапред од Ливерпул? Ако одговорот е Суарез, да. Суарез е играчиште и Ливерпул многу зависи од него. Исто, ќе значи и премногу за Арсенал ако замине таму, слично на значењето на Ван Перси во Јунајтед. Искрено не сум во тек минатиов период со сите шпекулации и не знам дали има шанси Суарез да остане во Ливерпул, но ако остане, а притоа Арсенал не се засили, моја прогноза е дека Ливерпул ќе најмногу едно место поназад од Арсенал, а ако не се десеше ова со Суарез ќе реков дека и Ливерпул сигурно ќе гризе за ЛШ до крајот. Но колку еден играч од таа класа може да влијае врз тимот да оди нагоре/надолу видовме и лани. Така и со Арсенал сега, доколку го земат Суарез, тоа ги сместува цела скала погоре. Со Јаја Саного тешко леб вадење.
Тотенхем е јак тим, и се засили одлично со Паулињо и Солдадо. Ако Бејл остане сигурно ќе бидат (пак) во директна битка за ЛШ и мислам дека годинава ќе изборат. Лани им фалеше егзекутор во нападот, сега во Солдадо го имаат тоа. Паулињо ќе биде еден од најдобрите на неговата позиција во ПЛ според мене. Сепак, многу зависи од Бејл.
Така според мене Челзи се убедливи фаворити оваа сезона. Им се врати миленикот, склопија јак тим, покриен на секоја позиција, освен можеби нападот кој пак може да чкрипи. Од Де Бруин очекувам да биде откровение на сезоната, играчот е страшен, со Мурињо зад него ќе ора по крилата.
Тоа е еден мал осврт од мене, како неутрален фан, со одредена доза на симпатии кон екипите на Мурињо и Лаудруп.