Венко Андоновски - „Ќерката на математичарот“
Уште во предговорот Андоновски јасно потенцира - „сите оние кои ги читале моите романи Азбука за непослушните, Папокот на светот, Вештица и книгата раскази Фрески и гротески, ќе ги препознаат моите ставови за љубовта, смртта и судбината, дрско плагирани од моите ликови. Реков и ќе повторам - ова воопшто не е мој роман“.
Писателот се потпишува како уредник, уредник на ракописи кои ги напишале самите негови ликови и преку e-mail му ги испратиле, барајќи поинаква „судбина“ од онаа што тој претходно им ја доделил.
Почнува загонетно, со крими мистерија која се развлекува и се одгатнува додека го чувствувате пулсирањето и дишењето на ликовите кои полека се претвораат во личности. Личности од крв и месо, такви што веруваат дека судбината може да се избегне, а на смртта да ѝ се даде поинаква димензија.
Симболиката на броевите може да се искористи како јазик за толкување и опишување на вечните дилеми и прашања. Па така математичарот пишува: „За таа болка да се изрази, освен јазикот на математиката - друг нема. (...) На пример, сакате да го изразите поимот на трагичното? Доволно е да испишете равенка: бесконечно помало од нула. Има ли потрагично нешто од тоа бесконечното да биде помало од ништото? Сакате да го изразите поимот на комичното? Напишете равенка: нула поголемо од бесконечно. Навистина е смешна онаа нула што се прави поголема од бесконечното. Сакате да го искажете поимот на сериозното или поимот на парадоксалното? Напишете равенка: нула еднакво на бесконечно. Има ли посериозно, и воедно попарадоксално тврдење од тоа дека нулата и бесконечното се едно исто, дека отсуството е вечно? И да не сте математичар, разбирате што Ви говорам. Нема потреба госпоѓо психолог, да ве убедувам дека чудата само со број се изразуваат.“
Не можете да му замерите на писателот за на моменти патетично еротизираниот стил, ликовите имаат таков светоглед, тој е само уредник и објективен набљудувач.
Препорачувам. Динамиката на романот (или треба да кажам романите?) нуди уживање, забавно поминато време, но и промислување на одредени прашања поради кои секој од нас се измачува.