Артуро Перез Реверте- Клубот Дима
Книгата ја меркав уште одамна од кога се појави бидејќи искрено ме заинтересира и бендиса корицата.
Да, книгата не се суди по корицата ама ете зошто сеуште се инвестира во корици бидејќи првиот визуелен впечаток за книгата се добива од корицата. Кај мене барем запали таа маркетиншка тактика. Пролистав за неа на нет и дознав дека по неа е правен филмот Деветата порта на Роман Полански со Џони Деп во главна улога. Филмот го имам од поодмана гледано и ми е еден од поомилените. И покрај тоа се некако се одолговлекувааше моето купување се до овогодинешниот саем кога пак ми забоде очи истата корица и реков дека конечно е ред да ја купам.
Гледањето на филмот ми беше малку спојлер и знаев отприлика што да очекувам. Полански е сепак режисер кој знае како да разработи тематика, а на Џони Деп специјалност му се улоги на ненормални или подобро кажано несекојдневни ликови.
Книгата ми е скоро две третини прочитана. Темата ми е погодена скроз. Како јас да сум разговарал со Реверте за моите интереси што сакам јас да читам, а тој да ја пишувал баш custom made како за мене. Значи мистицизам, окултизам, трилер, библиофилија, антиквитетни книги, заплети, мајндфак моменти и пресврти. Се што сакам е тука. По историските детаљи и техниките на печатење споменати во книгата се гледа дека Реверте е одличен познавач во историјата на печатарските техники вклучувајќи тука типови на хартија користени во минатото, ракописи, обликување на книги, користена машинерија и останати методи. Исто така си ја завршил домашната во областа на библиофилијата, светски каталози на раритетни изданија, библиотеки, класификација по картотеки. Особено е нагласена експертизата за Александар Дима-Таткото која Реверте ја владее во детаљи. Од друга страна писателот има одличен фат за доловување на карактери, потези на тело и гримаси, внатрешни мисли на ликовите, интерперсонална комуникација и познавање на природата на човекот од социо-психолошки аспект. И на сето тоа треба да се додаде и одличната ем течна нарација и тек на дејствијата. Писателите кои ги немаат тие способности на канализирана презентација и комуникација со пубиката (која секако не е хомогена и варира по разни основи од коефициент на интелигенција, вариетет на прифатени вредности и култура, па и вкусосви) често оставаат забуни, нејаснотии и неразбраности со истата, а тоа е сосем спротивно од случајот со Реверте.
Централен лик во книгата е Лукас Корсо кој е трговец со стари книги и за кого етиката дури и кога преминува во нелегалност е нешто кое треба да се остави во подрум ако сака да се успее во тој бизнис. Самиот тој е свесен дека е проститутка на бибиофилската аристократија која го ангажира него кога треба да се заврши некоја валкана работа за да се стигне до посакуваната книга. Професијата го има научено да ги проценува одлично луѓето и следствено да темпира комуникација (и вербална и невербална) со нив согласно нивните карактери се со цел стекнување на симпатија и подмачкување на патот кон целта. Трпелив, аналитичен, и суво рационален, Корсо ги трга и сопствените чест и достоинство на страна за да извлече некоја пара плус. Ако на таа негова манипулативна нарав се додаде и експертизата во книгоиздавателството и книжните антиквитети тогаш кај Корсо гледаме специјалист во својата професија и објаснувањње за големиот број на клиенти кои го ангажираат. Компензација за тоа бесрамно ''проституирање'' и немањето на скоро никаков приватен живот Корсо бара во омиелниот пијалок-џин од марката Болс, цигарите и реконструкција на битката кај Ватерло што ја има поставено како мапа со оловни војничиња во неговиот стан. Откриваме и една жена од минатото која солидно го имала заебано за сите времиња.
Се плашам од дрвени коњи, од ефтин џин и убави девојки. Особено кога носат подароци.-ќе рече Корсо на прашањето на една друга млада девојка со која ќе се судри во книгата и која штотуку му беше купила поклон кога го праша од што се плаши.
Книгата и заплетот почнуваат кога еден негов пријател кој е исто продавач на книги, ќе го замоли Корсо да открие дали главата
Анжујското вино од книгата
Тројцата мускетари до која стигнал е автентичен и оригинален на Александар Дима или е копија. Во исто време еден од најмоќните книгоиздавачи во Шпанија Варо Борха ќе го ангажира Корсо да му ја провери автентичноста на книгата Деветте порти која тој моќник ја поседува. Книгата е окултистичка и била напишана од Аристиде Торчија кој поради таа причина бил запален во Рим 1667ма сосе изданијата од книгата што ја испечатил. Пред да испушти душа на кладата, Торчија признал дека има уште еден примерок кој не им го предал на властите, меѓутоа умира без да им открие нешто повеќе. Меѓутоа Борха знае дека освен неговиот примерок постојат уште 2 примероци на книгата во приватни колекции, и сака да открие дали неговиот примерок е лажниот или другите два, или пак сите три се лажни можеби сите три се автентични. Тие два ангажмани ќе го воведат Корсо во сплетки кои се над сите негови искуства и граници на професијата. И ова што го пишав е многу, прочитајте ја книгата и погледнете го филмот ако сте љубители на криминалистика, Умберто Еко и/или филмови како Адвокатот на ѓаволот, ова ќе ви легне во еден здив.