Ми се свиѓаат кратките описи на Ричард во "Часови" (Мајкл Канингам), делумно наликува на мене:
" Ричард не може да си замисли живот што е поинтересен и повреден од животите што ги живеат неговите познаници и тој самиот, и од таа причина човек често се чувствува егзалтиран, проширен во негово присуство. Тој не е од оние егоисти што ги смалуваат другите. Тој е спротивно од егоист, придвижен од грандиозност повеќе отколку од лакомост, и ако инсистира на твоја верзија што е посмешна, почудна, поексцентрична и подлабока од она што ти си мислиш - способен да направиш во светот многу повеќе добрини и многу повеќе лошотии одошто си замислувал - безмалку е невозможно да не се верува, барем не во негово присуство, и кратко откако си го напуштил, дека само тој те проѕира до твојата срж, ги мери твоите вистински квалитети (сите од нив не нужно ласкави - одредена невешта, детинеста неучтивост е дел од неговиот стил) и дека те цени поцелосно од било кој, било кога. Дури откако ќе го познаваш некое време, почнуваш да сфаќаш дека, за него, ти си всушност измислен лик, некој во кој што тој вложувал со безмалку безгранични капацитети за трагедија и комедија, не затоа што е тоа твојата вистинска природа туку, затоа што тој, Ричард, има потреба да живее во свет населен од екстремни и доминирачки личности."
И еве барем уште еден цитат од истата книга:
" Ова маало некогаш било центар на нешто ново и диво, нешто озлогласено, дел од градот во кој звукот на гитарите се разнесувал надвор од баровите и кафетериите, во кој проданиците што продавале книги и облека мирисале онака како што си замислуваше дека мирисаат арапските пазари, на темјан и на богат ѓубрелив прав, на некој вид дрво (кедар? камфор?), на нешто овошно, плодно скапувачко, и во кој се` се чинело возможно, сосем возможно, ако поминете низ погрешната врата или надолу по погрешниот сокак, да ја сретнете судбината; не само вообичаената закана за кражба и физичка повреда, туку и нешто поперверзно и преобразувачко, попостојано. "