„Човек никогаш не може да знае што да сака, зашто живее само еден живот и никако не може да го спореди со своите претходни животи, ниту да го поправи во следните животи.
Дали е подобро да биде со Тереза, или да остане сам?
Нема никаква можност да се провери која одлука е подобра, зашто не постои никаква споредба. Човек доживува сѐ за првпат и без подготовка. Како глумец што игра претстава без каква било проба. Па, тогаш, колку вреди животот, ако првата проба на животот е веќе самиот живот? Затоа, животот е секогаш сличен на скица. Само, ни „скица“ не е вистински збор, зашто скицата е секогаш нацрт за нешто, подготовка за слика, а скицата што е нашиот живот, не е скица на ништо, тоа е нацрт без слика.
Einmal ist keinmal, си повторува Томаш како во германската пословица. Тоа што се случува еднаш, како никогаш да не се случило. Ако човекот може да живее само еден живот, тоа е како воопшто да не живее.“
„Секој ученик може да прави експерименти на часот по физика за да се увери дали одредена научна хипотеза е вистинита. Но, бидејќи човекот живее само еден живот, нема никаква можност да ја потврди хипотезата и затоа никогаш нема да дознае дали требало, или не требало да го следи своето чувство.“
„Би било глупаво писателот да се обиде да го убеди читателот дека неговите ликови навистина живееле. Не се родиле од телото на мајка, туку од една или две сугестивни реченици, или од една основна ситуација.“
„Некогаш одамна човекот зачудено слушал како в гради му се одѕива звук на правилни удари и немал поим што е тоа. Не можел да се поистовети себеси со нешто туѓо и како што е телото. Телото било кафез, а внатре имало нешто што гледало, слушало, се плашело, размислувало и се чудело; тоа нешто, тоа што останувало по одземањето на телото, тоа била душата.
Денес, секако, телото не е непознато: знаеме дека тоа што чука в гради е срцето и оти носот е завршеток на шуплината што ѕирка од телото за да доведува кислород во градите. Лицето е само некој вид командна табла, на која се поврзани сите механизми на телото: исхрана, вид, слух, дишење, мислење.
Откако човекот научил што има на своето тело, тоа веќе не го вознемирувало. Веќе го знаеме и тоа дека душата е само активност на сивата мозочна кора. Дуализмот на телото е под превезот на научните термини и можеме весело да му се смееме како на застарена предрасуда.
Сепак, доволно е човек да се вљуби лудо и притоа да го слуша кркорењето на своите црева. Единството на телото и душата, лирската илузија на научниот век, во истиот миг ќе се распливне.“
„Во почетокот на романот што го држеше под рака кога дојде кај Томаш, Ана се среќава со Вронски во чудни околности. На перон се, таму каде што некој паднал под воз. На крајот на романот под воз се фрла Ана. Симетричната композиција, во која се појавува истиот мотив во почетокот и на крајот, може да ви изгледа многу „романескна“. Да, се согласувам, ама само под услов зборот „романескна“ никако да не го сфатите како „измислена“, „вешташка“, „различна од животот“. Зашто само така се компонирани човековите животи.
Компонирани се како музичко дело. Човекот, воден од смислата за убаво, го претвора случајниот настан (музиката на Бетовен, смртта на железничката станица) во мотив што ќе остане во композицијата на неговиот живот. Му се навраќа, го повторува, го менува, го развива како што композиторот ја развива темата на својата соната. Ана можела да си го одземе животот и поинаку. Ама мотивот на железничката станица и на смртта, незаборавниот мотив споен со раѓањето на љубовта, ја привлекувал во мигот на очајување со својата темна убавина. Без да знае, човек го компонира својот живот според законите на убавината и во моментите на најдлабока безнадежност.“
Милан Кундера - „Неподносливата леснотија на постоењето“