Така зборуваше Заратустра
Го љубам оној кој живее за да спознава и кој сака да спознае, за еднаш да живее надчовекот. И така тој го сака своето пропаѓање.
Го љубам оној кој работи и пронаоѓа, за на надчовекот да му изгради куќа и за да ги обезбењди за него земјата, животното и растението, бидејќи така тој го сака своето пропаѓање.
Го љубам оној кој ја љуби својата енергија, бидејќи енергијата е волја за пропаѓање и стрела на копнежот.
Го љубам оној кој не задржува за себе ниту капка дух, туку целиот сака да е дух на својата енергија: така преминува тој како дух преку мостот.
Го љубам оној кој од својата енергија прави своја склоност и судбина: така тој заради својата енергија уште живее и веќе не живее.
Го љубам оној кој несака премногу од тие енергии. Една енергија е поенергична одколку две енергии, бидејќи таа е повеќе јазол за кој се фаќа судбината.
Го љубам оној чија душа се раздава, кој не сака да му се заблагодаруваат и кој не се заблагодарува никому: бидејќи тој секогаш подарува и несака да се штеди себеси.
Го љубам оној кој има среќна рака во коцкањето и кој попрво се прашува: зар јас сум измамник во играта - бидејќи сака да пропадне.
Го љубам оној кој пред своите дела фрла златни зборови, а сеуште остварува повеќе одколку што ветил: бидејќи тој го сака своето пропаѓање.
Го љубам оној кој ги оправдува оние што доаѓаат, а ги искупува минатите: бидејќи тој ја сака пропаста на оние кои се сега присутни.
Го љубам оној кој го прекорува својот бог, бидејќи го љуби својот бог: бидејќи тој мора да пропадне во бесот на својот бог.
Го љубам оној чија душа е длабока и ранлива и кој може да пропадне и при мало доживување: така тој со задоволство оди преку мостот.
Го љубам оној чија душа е преполна, така што заборава на самиот себе, и сите нешта се во него: така сите нешта ќе бидат неговото пропаѓање.
Го љубам оној кој има слободен дух и слободно срце, а неговото срце го тера во пропаст.
Ги љубам оние кои се како тешки капки што полека капат од темен облак што се надвиснал над луѓето: тие огласуваат дека доаѓа гром и пропаѓаат како гласници.