Најскапиот стан и најскапата куќа во државава се наоѓаат на Водно. Ова го потврдија речиси сите агенции за недвижности. Во оваа елитна населба се нудат, но и се купуваат куќи и по цена од два, па и три милиони евра. Цената на становите во оваа населба, исто така, е на врвот на пирамидата и изнесува до 1.600 евра за квадратен метар.
- Куќите тука се солидно градени, има и такви што се новоградби и се луксузно уредени. Најмногу се цени и тоа што овие куќи имаат големи дворови, кои, ако се хортикултурно уредени, со базен и спортски терени, дополнително ја пумпаат вкупната цена. Овие станови се скапи бидејќи населбата е блиску до градот, а и урбанистички е добро решена со пристапни патишта и со чистиот воздух под планината - велат во агенција што се занимава само со купопродажба на луксузни недвижности во Скопје.
Следејќи ги цените во државата може да се забележи дека главниот град предничи во цената по квадратен метар стан или деловен простор. Становите во општината Центар се меѓу најскапите во државава.
- По Центар, најбарани се становите во Карпош, Водно, Кисела Вода, Тафталиџе, Аеродром и Ново Лисиче. Цените на недвижностите се највисоки во овие населби, но се забележува тренд на зголемување на цените на становите и во другите населби доколку се работи за новоизградена зграда - вели Лилјана Ковачева од групацијата на агенции за недвижности.
Најскапиот квадратен метар станбена површина се нуди во населбата Водно по цена од 1.500 евра за квадратен метар, по што следуваат Центар со 1.300 евра за квадрат, Аеродром, Кисела Вода, Карпош и Лисиче со цена од 1.000 до 1.100 евра за квадрат. Во другите населби, како Влае, Ѓорче Петров и Автокоманда, цените паѓаат и изнесуваат од 700 до 900 евра за квадрат. Во населбите како Чаир, Хиподром и Маџари се нудат најевтините станови, по цени што варираат од 500 до 800 евра за квадрат.
секако, има и некои понереални цени на станови. според луксузот, водно не е толку скапо како некои стари станови во др населби.