Фудбалот ја „запали“ Битола
Одамна не се случило на стадионот под Тумбе кафе да присуствуваат 9.000 гледачи
Миодраг Мицковиќ
Во Битола деновиве главна тема е фудбалот и нивниот миленик Пелистер. Сите разговори се посветени на победата против традиционалниот противник Вардар од Скопје, извојувана по десет посни години кога во далечната 1998 година битолчаните за последен пат се радувале на победата против црвено-црните.
Минатата недела стадионот под „Тумбе кафе“ беше исполнет до последното место, на трибините немаше место ниту игла да падне. Според една проценка имало околу 9.000 гледачи, или речиси секој десетти битолчанец беше дојден да го гледа Пелистер, да се израдува на неговата победа.
Овој меч и фудбалот практично ја „запали“ Битола, како во оние денови во поранешна Југославија кога Пелистер играше во Првата лига со Црвена звезда, Партизан, Динамо, Хајдук, кога исто така трибините беа полни како „око“.
Сите се едногласни, со доаѓањето на кормилото на клубот, легендите на битолскиот фудбал Митко Стојковски и Тони Мицевски, со ангажирањето на тренерот Неџат Хусеин, со силна управа, на чело со потпретседателот Гоце Силјановски, попознат по прекарот Монголот, инаку „алфа и омега“ на битолскиот тим, Пелистер почна полека, но сигурно, да го враќа рејтингот во македонскиот фудбал кој беше загубен во сезоната 2002/2003 година, кога по многу години успешни настапи во Македонската лига мораше да се пресели меѓу второлигашите. Беше тоа вистински шок за љубителите на фудбалот во Битола, за неговите навивачи, популарните „чкембари“.
Шок кој траеше цели три години, кога практично фудбалот беше заборавен во Битола, кога клубот го водеа фудбалски аналфабети, луѓе кои повеќе размислуваа за својата лична афирмација преку клубот отколку за успесите и повторното враќање меѓу прволигашите каде што му беше местото на Пелистер, сигурно еден од најдобрите клубови во Македонија.
Три години траеше голготата на Пелистер, три второлигашки години кои не само во Пелистер, туку и сите љубители на фудбалот во Битола сакаат да ги заборават.
Во меѓувреме, се спомнуваа поранешните успеси од сезоната 2000 година кога Пелистер играше во Интер тото купот, кога успеа да ги елиминира Хобшајн (Австрија) со 1:0 и 3:1, кога приреди вистинска сензација бидејќи во второто коло беше поуспешен од шведскиот прволигаш Фролунда од Гетеборг со 3:1 и 0:0 за да на крајот биде елиминирана од познатата шпанска екипа Селта Виго со 0:3 и 1:2.
Многумина се сеќаваа на тоа хорор патешествие од Скопје со авион до Виго, со најмен стар авион од Бугарија, на елисен погон, кога речиси цел ден патуваа за Виго и малку требаше да задоцнат на натпреварот бидејќи по пат мораа да слетуваат на Сицилија да полнат гориво, а механичарите да го поправаат авионот. И додека на стадионот во Виго ги очекуваа играчите на Пелистер, тие се соблекуваа во автобусот од аеродромот во Виго до стадионот и речиси од автобусот истрчаа на теренот бурно поздравени од гледачите кои дознаа за нивната одисеја по патот.
Се сеќаваа на победата во Купот на Македонија 2001 година кога во финалето ја победија Слога Југомагнат со 2:1 и потоа за првпат играа во Купот на УЕФА, но беа елиминирани на стартот од швајцарскиот претставник Сент Гален со 3:2 и 0:2.
Дали ќе се вратат тие убави фудбалски времиња за Пелистер кога играше во европските купови. Пелистер е сега на добар пат, по тие тригодишни второлигашки и сегашните две прволигашки години одново да се појави во Европа. Градот повторно живее за својот миленик, многуте фирми се интересираат и сакаат да го спонзорираат клубот, голем број блок влезници за цела сезона се откупени од битолските претпријатија. Со еден збор, во градот владее вистинска фудбалска еуфорија, празнична атмосфера.
„Со Тони Мицевски не размислуваме многу кога се вративме во Битола и во Пелистер да помогнеме иако имавме понуди од странство. Ми беше жал да го гледам Пелистер во Втората лига, клубот во кој се афирмирав и кој ми е во срцето“, ни раскажува Митко Стојковски, денес спортски директор на Пелистер, човек за кого сите во Битола велат дека заедно со Тони (технички директор) и популарниот Монгол (Гоце Сиљановски) го препородија клубот и тие се најзаслужни за последните успеси на Пелистер.
„Не беше лесно сите шрафови да се доведат во ред, почнаа поранешните играчи да се враќаат во клубот, дојдоа Ставревски, Здравевски, Димитровски, Пашоски, Стерјовски, Коруновски, Елмазовски, Пресилски. За годишнава сезона ангажиравме за првпат и двајца странци, Бразилците Миранда и Жуниор кои станаа миленици на гледачите. Да бидам искрен, кога во неделата на мечот со Вардар ги видов полните трибини, срцето како да сакаше да ми излета од градите од возбуда, ме потсети на оние времиња кога во дресот на Пелистер играв против Црвена звезда, Динамо, Партизан, Хајдук...
„Морам да кажам дека Пелистер има голема помош од градоначалникот Талевски, од сегашниот директор на РЕК „Битола“ и претседател на Советот на Општината Битола, Коњановски. Сега имаме помош од целиот град. Сигурно дека многу ни помага и претседателот на клубот, Јошко Крстевски, директор на Комуналното претпријатие кој е постојано со играчите. Сите сакаат да помогнат, во градот владее вистинска фудбалска атмосфера и тоа ме радува, тоа е добар знак дека сите во клубот добро работиме.
„Јас не паметам ваква фудбалска атмосфера во Битола како деновиве“, ни раскажуваше потпретседателот Гоце Сиљановски, човек задолжен за финансиите во клубот, кој е најзаслужен што многуте битолски и странски фирми сакаат да го спонзорираат клубот.
„За овие две години многу ни помогна фирмата „Литекс“ од Бугарија, која е сопственик на битолската шеќерана. Сакам јавно да се заблагодарам на луѓето од шеќераната, која кога ни беше најтешко финансиски не помагаше, не помага и денес. Сега склучивме договор за спонзорирање со битолската млекара „БИ Милк“ што навистина многу ме радува и што самите луѓе од млекарата, кои имаат нови газди се понудија да ни помогнат. Сега веќе почнавме да размислуваме за излез во Европа, не се срамиме тоа да го кажеме, иако пред почетокот на сезоната никој не не сметаше во група на клубови кои ќе се борат за висок пласман“, беа зборовите на Сиљаноски.
„Бев играч во Пелистер, бев и порано тренер, но сега е задоволство да се работи во клубот со ваква управа, со Тони Мицевски и Митко Стојковски“, ни раскажуваше Неџат Хусеин, еден од легендите на битолскиот фудбал кој е сега шеф на Стручниот штаб на Пелистер. Жал ми е што Вардар крена толку врева околу спорниот гол на Елмазовски, во Битола беше надигран и можеше да загуби со поголема разлика. Но, да го оставиме тој меч на страна, има уште да се игра, Пелистер ќе докаже дека е подобар тим од Вардар на крајот на првенството кога ќе се собираат сите освоени бодови. Јас само можам да кажам: им благодарам на играчите, им благодарам на Тони и Митко за сесрдната помош што ја даваат на клубот и на играчите, секојдневно се со нив. Пелистер не е веќе фудбалска провинција во Македонија како пред две-три години кога живуркаше во Втората лига. Пелистер е денес друг тим, гордоста на битолчани, ќе биде и гордоста на Македонија за година-две. Уверен сум во тоа. Со овие луѓе што сега го водат клубот, ништо не е недостижно“.
Пелистер ги имаше еден Наум Бутевски, Неџат Хусеин, Драган Канатларовски, Благоја Китановски, Петар Милошевски, Митко Стојковски, Тони Мицевски, за Пелистер играа и Саша Ќириќ и Саше Милошевски, тоа не треба да се заборави, тие беа и останаа легенди на битолскиот фудбал.